Трагичен инцидент го потресе Сараево, каде што во текот на ноќта 32-годишен маж го загубил животот по пукање пред угостителски објект.
Според информациите на босанскиот медиум „Дневни аваз“, на инцидентот му претходела расправија меѓу неколку мажи, која наводно започнала поради девојка, а потоа прераснала во физичка пресметка.
Жртвата е идентификувана како Мехмед Смечанин, познат под прекарот Меша, кој работел како обезбедување во локалот.
Според првичните информации, тој се обидел да ги раздвои лицата кои учествувале во тепачката, но во еден момент бил застрелан во пределот на градите.
Тешко повредениот 32-годишен маж бил итно пренесен во Клиничкиот центар на Универзитетот во Сараево, каде што лекарите околу 4 часот наутро ја констатирале неговата смрт.
Пукањето било пријавено во полицијата околу 2:30 часот, а се случило на улицата „Змаја од Босне“.
Босанските медиуми објавија информации за идентитетот на наводниот напаѓач, кој по пукањето избегал од местото на настанот.
Полицијата привела 18-годишен германски државјанин, кој е задржан на криминалистичка обработка.
Информацијата за приведувањето ја потврдила и портпаролката на Обвинителството на Сараевскиот кантон, Азра Бавчиќ.
На местото на настанот бил извршен увид под надзор на надлежен обвинител, а истрагата треба да ги утврди сите околности на трагедијата.
Загинатиот Смечанин бил оженет и зад себе оставил дете. Неговите пријатели и познаници преку социјалните мрежи се простуваат од него со емотивни пораки.







