Невообичаената состојба со кравите кои слободно се движат низ Крива Паланка го привлече вниманието и на странските медиуми, откако беше објавено дека повеќе од 1.000 говеда неконтролирано шетаат низ градот и околината.
Хрватскиот „Дневник“, повикувајќи се на „Еуроњуз“, објави дека животните предизвикуваат големи материјални штети и страв кај локалното население.
На видеоснимките се гледаат крави кои се движат по улиците, минуваат низ сообраќајот, пасат во јавните паркови и се појавуваат во близина на семејните куќи, дури и во текот на ноќта.
Градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, побарал од Владата прогласување 30-дневна кризна состојба, бидејќи локалните власти немаат доволно ресурси за справување со проблемот.
Според неговите податоци, пред пет години низ општината се движеле околу 400 говеда, додека денес нивниот број надминува 1.000.
Жителите стравуваат од ненадејни средби со животните, а значителни штети се пријавуваат на земјоделските површини и општинскиот имот.
Според информациите што ги пренесуваат странските медиуми, голем дел од животните претходно припаѓале на едно семејство. Членови на семејството биле приведени поради наводно попречување на постапката за одземање на добитокот од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство.
Меѓутоа, животните наводно не биле соодветно згрижени по одземањето, поради што продолжиле слободно да се движат.
Општината посочува дека нема доволно финансиски средства и соодветни објекти за сместување на толку голем број животни.
Со прогласувањето кризна состојба се очекува подобра координација меѓу локалните и државните институции и обезбедување ресурси за трајно решавање на проблемот.








