Заменик-министерот за внатрешни работи Астрит Исени денеска во Скопје се обрати на завршната конференција на Твининг лајт проектот „Јакнење на капацитетите на Министерството за внатрешни работи за спроведување на воздушни операции“, реализиран со финансиска поддршка од Европската Унија и во соработка со Италијанската национална агенција за цивилно воздухопловство (ENAC) и EUTALIA.
Проектот, чија вкупна вредност изнесува 250.000 евра, беше насочен кон унапредување на професионалните и оперативните капацитети на Одделот за воздухопловни единици при МВР, усогласување на процедурите со европските и меѓународните воздухопловни стандарди, како и зајакнување на безбедноста и ефикасноста при извршувањето на операциите.
Преку експертска поддршка и размена на искуства со италијанските партнери, во рамки на проектот беа остварени повеќе клучни цели:
- Нови прирачници и процедури: Подготвени и унапредени се седум технички прирачници, соодветни стандардни оперативни процедури, како и оперативниот прирачник на Одделот за воздухопловни единици;
- Системи за контрола и безбедност: Воспоставени се систем за управување со безбедноста (SMS) и систем за следење на усогласеноста (CMS);
- Домашни инструктори: Подготвена е стратегија за оспособување сопствени инструктори за летање и типска обука.
Во своето обраќање, заменик-министерот Исени нагласи дека суштината на проектот е создавањето долгорочни капацитети и стандарди за континуиран професионален развој.
– Вистинската вредност на овој проект не се состои само во изработените документи, туку пред сè во знаењето, воспоставените стандарди и капацитетите кои остануваат во институцијата – истакна Исени, додавајќи дека ова претставува почеток на нова фаза во која приоритет ќе биде доследната примена на воспоставените процедури и зајакнувањето на внатрешната контрола.
Тој изрази благодарност до ЕУ, Република Италија, ENAC и EUTALIA за поддршката, оценувајќи дека ваквите партнерства се значаен придонес во модернизацијата на македонската полиција. Од МВР порачуваат дека остануваат посветени на соработката со меѓународните партнери со цел обезбедување повисоко ниво на безбедност за граѓаните.




