По смртта на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“ во загрепската населба Јанкомир, се јавија луѓе кои таму биле пациенти. Тие ги опишаа своите искуства од затворените одделенија, а за тоа пишува хрватскиот портал „Индекс“.
Една читателка на загрепскиот медиум, која во февруари оваа година била на женското затворено одделение во Јанкомир, испратила фотографија на која се гледа жена врзана за болнички кревет. На себе има само долна облека, а покривката ѝ се наоѓа при дното на креветот. Фотографијата е снимена од ходникот, низ отворената врата од собата.
- На тоа затворено одделение беа коректни кон мене, но не беше лесно да се види оваа глетка. Се прашував дали човекот има барем малку достоинство. Таа глетка ми се врежа во сеќавањето – рекла таа во разговор за „Индекс“.
Вели дека станувало збор за нова пациентка која викала кога дошла на одделението.
- Во ред, ја врзале, но можеле да ја покријат. Ја оставиле така во соба во која веќе имало три кревети, па ја сместиле на проодот – додава таа.
„Врзан маж паднал од креветот, до утрото останал на подот“ Се јавил и маж кој вели дека во септември оваа година дошол на затвореното одделение во Јанкомир. Станува збор за пациент кој се лекува од алкохолизам и кој поради рецидив сам одлучил да побара помош.
Таму, како што наведува, поминал две ноќи. Тврди дека околу полноќ полицијата донела постар маж кого техничарите го врзале откако полицајците си заминале. Според неговото сведоштво, пациентот околу два часот по полноќ паднал на подот, сè уште врзан за душекот. Како што додава, човекот бил гол и до утрото повикувал помош. Тврди дека самиот тропал на вратата барајќи некој да дојде и да му помогне на врзаниот пациент, но дека реагирала дури утринската смена, која пристигнала околу шест часот.
„Техничарот ме праша колку долго е тој пациент во таква состојба – врзан, гол на подот. Реков дека поминале најмалку четири часа. Техничарот на тоа ми рече никому да не го кажувам тоа“, напишал тој.
„Син ми го држеле на подот, со колено му го притискале вратот“ Во редакцијата се јавила и мајка која вели дека минатата година нејзиниот тогаш 17-годишен син по стресен настан станал психотичен. Веднаш го однела на детското одделение во Јанкомир. Кога утредента дошла во посета, синот ѝ раскажал дека одбил да ги испие лековите, по што двајца техничари и двајца вработени го собориле на подот и со колено му го притискале вратот додека му давале инјекција.
- Тогаш мислев дека тоа е нормално. Вратот го болеше две недели, но сметав дека така се скротуваат пациентите. Дури по смртта на она момче видов дека тоа е забрането и колку е опасно. Кога го прочитав тоа, помислив дека сум среќна што син ми денес е жив – раскажала таа за „Индекс“.
На синот тогаш му бил препишан антипсихотикот „Халдол“, од кој срцето му чукало забрзано. Се пожалил кај лекарот, но мајката тврди дека лекарот реагирал дури откако таа околу Божиќ минатата година успеала да го добие на приватен телефон и да го увери дека на нејзиниот син не му е добро. Потоа му ја намалил дозата, а состојбата набрзо му се подобрила.
Жена на „Редит“ тврди дека го пријавила персоналот Искуства од Јанкомир споделувале и корисници на „Редит“. Една од нив напишала дека пред еден месец била во Јанкомир и дека кај лекарите ги пријавила медицинските техничари и сестри поради, како што тврди, нехуманиот однос кон пациентите. Вели дека побарала итен отпуст откако еден техничар почнал да се изживува врз неа.
Во истата објава опишала пациентка која, според нејзините зборови, дошла на шалтерот и рекла дека сака да се исече. Авторката на објавата тврди дека сестрата ѝ одговорила оти нема намера да се занимава со неа бидејќи ѝ завршува смената.
Поранешен пациент: „Немав негативни искуства“ Поинакво искуство опишал поранешен пациент кој денес се јавил во порталот „Индекс“. Наведува дека во есента 2024 година се пријавил во Јанкомир поради сериозни проблеми со несоница кои го довеле до суицидални мисли, и дека поминал неполни три дена на затвореното одделение. Потоа бил префрлен на отвореното одделение, каде што поминал уште еден месец.
Вели дека лекарите и медицинските техничари го сослушале, дека терапијата му помогнала и дека за време на престојот не доживеал ништо непримерно. Во собата, како што вели, имало и пациент кого секоја вечер го врзувале за креветот. Според неговото забележување, пациентот за тоа време бил мирен и подготвен за соработка.
„Одењето таму навистина ми го спаси животот“ Позитивни искуства од болницата се споделени и на социјалните мрежи. Корисничка на „Редит“ напишала дека минатата година поминала еден месец на женското затворено одделение.
„Беше ноќ, отидов на шалтерот за итен прием, сестрата ме прими, направив разговор со психијатар и ме сместија на женското затворено одделение. Се сеќавам на сестрата која ме спроведе низ одделението и ми го донесе најнеопходното, но и топлина и трпение. Дојдов во собата, ги запознав цимерките, добив таблета и веќе се гаснеа светлата. Поминав на тоа одделение еден месец и носам претежно позитивно искуство. Таму човек навистина сешто ќе се изнагледа, но му благодарам на Бога бидејќи одењето таму навистина ми го спаси животот“, напишала таа.
Сепак, имала забелешки за промените на лековите и начинот на кој ѝ давале информации за нив. И покрај тоа, апелирала до сите на кои им е потребна помош да ја побараат.
„Сè помина добро, денес живеам најнормален живот“ Уште еден маж во објава на „Редит“ навел дека бил на затвореното машко одделение и дека четири недели поминал на затвореното одделение во КБЦ „Сестри милосрдници“.
Во коментарите напишал дека тој лично не бил зашеметен од лекови и дека престојот главно му поминал добро, со забелешка дека немал доволно приватност.
„Денес, по целата таа ера, живеам најнормален живот, работам, заработувам, имам прекрасна девојка со која планирам иднина и никој што не ме познава никогаш не би погодил дека сум бил хоспитализиран и дека ги имам дијагнозите што ги имам“, напишал тој во еден од одговорите.







