ПРВ.мк
Балкан

ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА СМРТТА НА ПЕРИШ РАСПРСНАТИ ВО ДВА ЗАТВОРА: Надлежните донеле безбедносна одлука по проценка на ризикот!

ОСОМНИЧЕНИТЕ ЗА СМРТТА НА ПЕРИШ РАСПРСНАТИ ВО ДВА ЗАТВОРА: Надлежните донеле безбедносна одлука по проценка на ризикот!

Четворицата медицински техничари осомничени за тешкото убиство на 32-годишниот Кристијан Јосип Периш, кој почина во загрепската психијатриска клиника „Свети Иван“, се преместени од затворот Реметинец во две други затворски установи во Хрватска.

Според информациите на „Јутарњи лист“, осомничените биле распоредени во затворите во Липовица и Карловац, откако надлежните затворски служби процениле дека е потребно нивно преместување.

Одлуката била донесена од безбедносни и превентивни причини, во координација со службите за извршување на казните при хрватското Министерство за правда.

Засега нема информации дали четворицата добиле конкретни закани или станува збор за мерка што била преземена исклучиво врз основа на превентивна проценка на безбедносната состојба.

Тие првично биле сместени во затворот Реметинец, откако во неделата судот им одредил едномесечен истражен притвор. Колку време ќе поминат во новите затвори ќе зависи од понатамошните проценки на надлежните служби.

И покрај преместувањето, осомничените ќе имаат можност да остваруваат посети со своите адвокати и членовите на семејствата, како и со други лица доколку за тоа добијат судско одобрение.

Четворицата медицински техничари се под истрага во врска со смртта на Кристијан Јосип Периш, кој почина на 21 октомври во Клиниката за психијатрија „Свети Иван“, во загрепската населба Јанкомир.

Периш, поранешен атлетичар и спортски тренер, бил примен во установата на лекување, но починал по интервенција на медицинскиот персонал. Случајот предизвика големо внимание во хрватската јавност, особено по објавувањето на снимки од болничкиот видеонадзор.

Според описите на снимките што ги објавија хрватските медиуми, медицинските техничари наводно го удирале Периш, му го притискале вратот со колена и му држеле перница на лицето. Сепак, истрагата треба да ги утврди точните околности под кои настапила смртта, како и индивидуалната одговорност на секој од осомничените.

Дополнително внимание привлече и сведочењето на лице кое тврди дека препознало еден од четворицата техничари. Според неговите наводи, истиот вработен уште во јануари годинава бил пријавен поради сомневање за насилство врз друг пациент во истата психијатриска установа.

Случајот предизвика и пошироки реакции во Хрватска, со сè погласни барања да се утврди одговорноста и да се провери начинот на постапување со пациентите во здравствените установи.

Во меѓувреме, директорката на Клиниката за психијатрија „Свети Иван“, Мајда Грах, на 12 ноември поднесе оставка. Информацијата ја потврди градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, за време на седницата на Градското собрание.

Најнови вести