Грчката полиција уапсила 58-годишен тренер по кревање тегови под сомнение дека набавувал и им доставувал забранети допинг-супстанции на спортисти. При претресите на повеќе локации биле пронајдени и запленети вкупно 871 парче нелегални фармацевтски препарати и допинг-супстанции во форма на таблети и ампули, како и пари и друга документација.
Како што јавува дописничката на МИА од Атина, апсењето следувало по повеќемесечна и детална истрага на грчките надлежни служби, спроведена во соработка со Организацијата за борба против допинг и Националната организација за лекови.
Според информациите од грчката полиција, осомничениот, кој работел како тренер по кревање тегови, од април 2024 година набавувал забранети супстанции и им ги давал на спортисти.
Во рамките на истрагата бил откриен и конкретен случај во кој забранета супстанција му била дадена на малолетен спортист за време на натпреварување. Кај спортистот потоа била откриена супстанција која се наоѓа на листата на забранети средства на Светската антидопинг организација.
Поради овој случај, дисциплински казни и суспензии им биле изречени и на тренерот и на спортистот.
Во рамките на полициската акција биле извршени претреси во стан и во простории на спортски објекти на различни локации во областа Атика. При претресите биле пронајдени и одземени:
- 871 парче нелегални фармацевтски препарати и допинг-супстанции во форма на таблети и ампули;
- 17 спортски легитимации;
- рачно напишани белешки;
- еден мобилен телефон;
- 15.000 евра во готовина.
Од грчката полиција информирале дека, според проценката на Националната организација за лекови, запленетите фармацевтски препарати немаат одобрение за продажба на грчкиот пазар и се оценети како штетни за здравјето на лицата кои би ги користеле.
„Запленетите фармацевтски препарати немаат одобрение за грчкиот пазар и се оценети како штетни за здравјето на корисниците“, соопштиле од полицијата.
Уапсениот тренер треба да биде изведен пред надлежен обвинител, каде што ќе продолжи постапката против него.
Грчките медиуми објавиле дека станува збор за Одисеас Димас, брат на Пирос Димас, поранешен грчки олимписки шампион во кревање тегови.








