Шумската полиција во текот на октомври спровела засилени контроли и акции против бесправната сеча, незаконскиот транспорт и трговијата со дрвна маса со нелегално потекло. Во рамките на активностите биле запленети вкупно 734 кубни метри дрва, а против осомничените биле поднесени 147 прекршочни и кривични пријави, соопшти Министерството за земјоделство.
Најголем дел од запленетата дрвна маса ја сочинуваат даб и бука. Според објавените податоци, одземени биле 288 кубни метри даб и 274 кубни метри бука.
Покрај нив, полицијата запленила и 51 кубен метар мешано дрво, како и 121 кубен метар техничко дрво, односно трупци.
Во рамките на акциите биле одземени и бројни возила и опрема за кои постои сомнение дека биле користени при незаконските активности. Шумската полиција привремено одзела 11 товарни и 15 патнички моторни возила, осум трактори, 13 приколки и 18 моторни пили.
По спроведените контроли, до надлежните судови биле доставени 122 прекршочни пријави, додека до Основното јавно обвинителство биле поднесени уште 25 кривични пријави.
Од Министерството за земјоделство информираат дека активностите биле насочени кон спречување на бесправната сеча, нелегалниот превоз и продажбата на дрва со незаконско потекло.





