ФИФА стави крај на дилемите околу израмнувачкиот гол на Англија во четвртфиналниот дуел против Норвешка, потврдувајќи дека погодокот на Џуд Белингам е целосно регуларен.
Норвешките фудбалери бурно протестираа, тврдејќи дека непосредно пред акцијата за гол топката ја допрела сајлата на која е поставена воздушната камера. Според нив, токму тој контакт ја сменил траекторијата на топката и ѝ овозможил на Англија да започне опасен напад.
Спорниот момент се случи откако голманот Ниланд изведе гол-аут, а топката заврши високо над средината на теренот. По англиската акција следуваше погодок за 1:1, по што Норвежаните веднаш побараа судијата да го поништи голот.

Според Правилата на играта на ФИФА, доколку топката допре надворешен предмет, играта треба веднаш да биде прекината и да продолжи со судиско потфрлање. Токму на ова правило се повикуваше норвешката репрезентација.
Сепак, од ФИФА категорично соопштија дека до никаков контакт не дошло. Организацијата објави и видео-анализа од сензорот вграден во топката, која, според нив, потврдува дека немало никакво допирање со кабелот.
„Пред голот на Англија во 45+2 минута против Норвешка, сензорот во топката не регистрираше никаква промена додека таа беше во воздух. Поради тоа нема докази дека топката го допрела кабелот над теренот или дека ѝ се променила траекторијата“, соопштија од ФИФА.
Англија на крајот славеше со 2:1 по продолженијата и обезбеди место во полуфиналето на Светското првенство, оставајќи ги зад себе сите контроверзии околу спорниот погодок.









