Со бројни активности во кои беа вклучени спортисти, рекреативци и граѓани од сите возрасти, вчера во Скопје официјално беше означен почетокот на Европската недела на спортот 2025 – проект што го спроведува Министерството за спорт во рамките на најголемата европска иницијатива за промоција на спортот и физичката активност - European Week of Sport (EWoS) која годинава одбележува 10-годишен јубилеј.

Министерот за спорт, Борко Ристовски ги поздрави учесниците на овој масовен спортски настан кој од година во година добива се повеќе приврзаници. На свеченото отворање на Европската недела на спортот присуствуваше и амбасадорот на Италија, Н.Е. Паоло Палминтери и градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

-Ваквите настани од година во година треба да бидат сѐ помасовни и попопуларни бидејќи тие значат промоција на спортот и на физичката активност. Преку овие активниости ја испраќаме најсилната порака дека спортот е здравје, спортот ги обединува луѓето и промовира вистински вредности – рече министерот Ристовски поздравувајќи ги учесниците и гостите на настанот.

Во рамките на Европската недела на спортот 2025 ќе се реализираат три големи настани – на 23 и 26 септември во Скопје и на 27 септември во Охрид.

Почетокот на активностите беше одбележан со вчерашниот настан на спортските терени во ОУ „Кочо Рацин“ и на околните улици, на кој се одржаа велосипедски и атлетски трки, натпревари во тимски спортови, фитнес и рекреативни работилници.

На 26 септември на платото на Средно Водно ќе се одржи вториот блок активности кој вклучува различни спортски игри, тренинг зона и зона за релаксација како и натпревари во баскет 3х3 и фудбал 3х3 и рекреативно искачување до врвот на Водно.

Финалниот настан BeActiv Night ќе се одржи на 27 септември на кејот во Охрид и ќе вклучува натпревари во баскет 3х3, ракомет, пинг-понг, стрелаштво, фитнес и аеробик зона.

Европската недела на спортот (EWoS) е иницијатива на Европската комисија со цел да ја поттикне физичката активност, рекреацијата и здравиот начин на живот кај граѓаните од сите возрасти и да биде инспирација за илјадници луѓе да бидат активни и да ја почувствуваат енергијата на спортот.

