Италијанските власти ја разбија голема сириска мрежа која пере пари од дрога, претворајќи ги во златни прачки и транспортирајќи ги во различни земји, меѓу кои Косово и Северна Македонија.
Пет лица се уапсени во северните региони Пиемонт и Ломбардија, а полицијата заплени 17 милиони евра. Истражителите утврдиле дека парите заработени од трговија со дрога во Франција биле носени во Италија, каде со помош на топилници биле претворени во злато.
Златните прачки потоа се шверцувале во Косово, Северна Македонија, Турција и Мароко. Ова е првпат истражителите да успеат да ја следат целата трансформација на пари од дрога во злато – имот што полесно се транспортира.
Мрежата ја предводеле сириски државјани, а истрагата ја спровеле италијанската даночна полиција и француската жандармерија, со координација од Италијанската национална дирекција против мафијата, Европравда и Европол. Француската жандармерија, исто така, уапсила осомничени во Франција кои собирале приходи од дрога.