Саудискиот фудбалски гигант Ал-Наср, клубот во кој настапува Кристијано Роналдо, се соочува со сериозна финансиска криза која го загрозува летниот трансферски период. Тимот влезе во преодниот рок со долгови поголеми од 800 милиони саудиски ријали, поради што засега нема реализирано ниту едно ново засилување.
Според пишувањата на саудискиот весник „Арријадија“, финансиските проблеми се последица на одлуки донесени во текот на минатата сезона, кои значително го оптовариле буџетот на клубот.
Иако Кристијано Роналдо останува најголемата ѕвезда на тимот, Ал-Наср моментално нема доволно простор за нови инвестиции во играчкиот кадар. Клубот веќе постигнал договор за ангажман на португалскиот фудбалер Саму Коста од Реал Мајорка, но финансиската состојба го спречува трансферот да биде официјализиран.
Неизвесна останува и иднината на Абдулрахман Гариб, со кого клубот сè уште нема постигнато договор за продолжување на соработката.
Сопственикот на Ал-Наср, Фондот за јавни инвестиции (ПИФ), веќе разгледува можни решенија за стабилизирање на клубот и заштита на неговата финансиска, спортска и маркетиншка вредност.
Првата опција предвидува ограничување на дел од финансиските надлежности на актуелното раководство, што е и причината поради која клубот во моментов не може слободно да реализира нови трансфери.
Втората можност е ангажирање специјализирани финансиски, комерцијални и правни консултанти кои треба да предложат мерки за зголемување на приходите, намалување на трошоците и долгорочна стабилизација на клубот.
Третата опција е најдрастична – продажба на дел од сопственоста во Ал-Наср. Според информациите, ПИФ веќе разгледува две сериозни понуди за преземање на клубот, но моментално се разгледува модел на делумна продажба.
Навивачите се надеваат дека токму ова решение ќе биде избрано, по примерот на големиот ривал Ал-Хилал, кој неодамна доби нов сопственички модел преку Kingdom Holding Company, компанија во сопственост на принцот Ал-Валид бин Талал.
Финансиската неизвесност создава голем притисок врз Ал-Наср, кој со ангажманот на Роналдо сакаше да стане еден од најмоќните клубови во светот, но сега мора прво да го реши проблемот со огромните долгови пред повторно да тргне во голема трансферска офанзива.










