ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ предупредува на нов обид за измама преку лажни СМС-пораки, во кои непознати испраќачи го злоупотребуваат името на претпријатието за да ги наведат граѓаните да платат непостоечки долгови за паркирање.
Во пораките се тврди дека примателот има неплатена обврска за паркинг, а за нејзино подмирување се испраќа линк до лажна интернет-страница преку која се бара да се изврши уплата.
Дополнително, испраќачите се обидуваат да создадат чувство на итност, предупредувајќи дека доколку не се плати сумата, граѓаните ќе се соочат со парична казна од најмалку 20.000 денари, па дури и со суспензија на регистрацијата на возилото.
Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ категорично демантираат дека тие ги испраќаат ваквите пораки и нагласуваат дека станува збор за фишинг-измама, односно обид преку лажни известувања да се дојде до лични и банкарски податоци на граѓаните.
„Ја информираме јавноста дека овие СМС-пораки не се испратени од ЈП ПОЦ и дека станува збор за обид за интернет-измама (фишинг), преку злоупотреба на името на претпријатието. Апелираме до граѓаните да не одговараат на ваквите пораки, да не ги отвораат линковите содржани во нив, да не внесуваат лични податоци и податоци од платежни картички и да не вршат уплати преку овие линкови“, соопштуваат од претпријатието.
Од ПОЦ посочуваат дека граѓаните кои веќе ги внеле податоците од својата платежна картичка или извршиле уплата преку сомнителниот линк треба веднаш да ја контактираат банката во која ја имаат сметката. Исто така, случајот треба да го пријават и во Министерството за внатрешни работи.
За да проверат дали навистина имаат неплатени обврски за паркирање, граѓаните треба да ги користат исклучиво официјалните канали на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Тоа се официјалната веб-страница www.poc.mk, електронската адреса [email protected], како и телефонските броеви 02/3212-488 и 02/3212-489.
Од претпријатието повторно повикуваат на внимателност, со цел да се спречат финансиски штети и злоупотреба на личните податоци преку ваквите измамнички пораки.







