Вработените во осум државни институции сместени во зградата на „Нова Македонија“ привремено ќе работат од дома поради последиците од техничката хаварија во објектот.
Владата на денешната седница ја разгледала состојбата во зградата, како и активностите што се преземаат за санација и повторно воспоставување нормални услови за работа.
Причина за ваквата одлука е продирањето вода во дел од електричните инсталации. Пред вработените повторно да се вратат во објектот, потребно е да бидат извршени неопходните технички и безбедносни проверки.
Поради тоа, Владата им препорача на институциите привремено да ја организираат работата без физичко присуство на вработените во зградата.
Како што се наведува, мерката е превентивна и треба да ги заштити безбедноста и здравјето на вработените, а истовремено да овозможи непречено функционирање на институциите.
Надлежните служби продолжуваат со санацијата и со создавање услови за безбедно враќање на вработените.










