Рускиот претседател Владимир Путин наводно нуди награда од 20 милиони долари за информации за локацијата на Роберт Бровди, познат како „Маѓар“, командант на украинските Сили за беспилотни системи и основач на единицата „Маѓаровите птици“, пишува „Волстрит журнал“.
Новинарката Џилијан Кеј Мелкјор добила пристап до тајниот команден центар на единицата, кој од безбедносни причини е лоциран само како „некаде во југоисточна Украина“. Пред патувањето морала да ја исклучи локацијата на телефонот, да го стави во авионски режим, а потоа уредот бил сместен во Фарадеева торба што ги блокира мобилните, Wi-Fi, Bluetooth и GPS сигналите. До локацијата била пренесена со возило со затемнети стакла.
Според украинските Сили за беспилотни системи, информацијата за наградата од 20 милиони долари наводно била распространета преку криминални мрежи во поранешниот Советски Сојуз. Руските судови претходно го осудиле Бровди во отсуство по обвиненија за тероризам поврзани со украинските воени операции.
Во командниот центар, на бирото на Бровди се наоѓал дигитален уред што го прикажувал бројот на руски војници за кои неговата единица тврди дека ги убила тој ден. На почетокот на разговорот бројката изнесувала 302, а до крајот на интервјуто се искачила на 343.
„Кога ќе заминете, бројката ќе биде поголема“, ѝ рекол Бровди на новинарката.
Украинските Сили за беспилотни системи, со кои Бровди командува од јуни 2025 година, според наводите во текстот сочинуваат околу 2,5 проценти од украинската армија, но им се припишува значителен дел од руските загуби.
Од почетокот на војната, според единицата, загинале 79 припадници на „Маѓаровите птици“. Нивните имиња се испишани на ѕидот на влезот во командниот центар. Бровди тврди дека до денот на интервјуто неговите сили убиле или раниле 656 руски војници за секој загинат припадник на единицата.
„Не мислам дека овој сооднос е доволно добар“, изјавил тој.
„Делта“ го следи бојното поле
Еден од клучните елементи во операциите е интегрираниот систем „Делта“. Операторите на беспилотни летала преку него можат во реално време да означуваат позиции, војници, возила и други цели забележани на теренот.
Кога ќе биде откриена цел, информацијата се пренесува до операторите на беспилотни летала во близина. Единицата што прва ќе реагира и ќе потврди успешен напад добива електронски поени што подоцна може да ги користи за набавка на вооружување. За нападот да биде евидентиран како успешен, потребна е и видеопотврда.
По секоја мисија се создава дигитален извештај со податоци за локацијата, времето, целта, употребениот дрон или друго вооружување, резултатот од операцијата и војниците кои учествувале.
„Податоците се стратешки ресурс на војната“, вели Бровди.
Само „Маѓаровите птици“, според текстот, дневно генерираат меѓу 10 и 12 терабајти податоци, додека системот „Делта“ на ниво на Украина обработува огромни количини информации од бојното поле.







