ПРВ.мк
Црна Хроника

ПРЕСВРТ ПО 40 ГОДИНИ ЗАД РЕШЕТКИ: ДНК не се совпаѓа, осуденик на смрт,сега ќе излезе од затвор

ПРЕСВРТ ПО 40 ГОДИНИ ЗАД РЕШЕТКИ: ДНК не се совпаѓа, осуденик на смрт,сега ќе излезе од затвор

Американецот Даглас Стјуарт Картер ќе биде пуштен од затвор во Јута со кауција, додека го чека новото судење, по повеќе од 40 години поминати зад решетки со смртна казна.

Картер бил осуден во 1985 година за убиството на Ева Олесон, која била пронајдена мртва во својот дом во Прово. Меѓутоа, најновата ДНК-анализа отвори сериозни прашања околу доказите врз кои се темелела пресудата.

Според објавените резултати, денес 71-годишниот Картер е исклучен како извор на крвта пронајдена на квака од местото на злосторството, како и на генетскиот материјал изолиран од рачката на ножот употребен во убиството.

Иако немало физички докази што директно го поврзувале со местото на злосторството, Картер првично бил осуден врз основа на признание и сведочења на две лица кои тврделе дека тој им се фалел со убиството.

Но, случајот подоцна добил драматичен пресврт. Двајцата клучни сведоци ги повлекле своите тврдења и признале дека лажеле, а Врховниот суд на Јута минатата година ја поништил пресудата поради утврдени неправилности во постапувањето на истражителите.

Картер цело време тврди дека е невин и дека неговото признание било изнудено од полицијата.

Судијата Дерек Пулан оценил дека новите ДНК-наоди значително го ослабуваат случајот на обвинителството, но истовремено посочил дека тие сами по себе не значат дека Картер е ослободен од одговорност. Тој сега ќе го чека новото судење на слобода со кауција и ќе мора да носи ГПС-алка.

Семејството на убиената Ева Олесон се спротивставува на неговото пуштање и нагласува дека отсуството на ДНК-совпаѓање не докажува автоматски дека Картер не бил вмешан.

Случајот дополнително го усложнуваат тврдењата на одбраната дека постоеле и други потенцијални осомничени и дека дел од доказите не биле соодветно истражени.

По четири децении правна битка, Картер сега излегува од затвор, но случајот сè уште не е завршен – пред него е ново судење.