ПРВ.мк
Македонија

Клековски најави промени: Без носење медицински документи од шалтер до шалтер

Клековски најави промени: Без носење медицински документи од шалтер до шалтер

Министерот за здравство Сашо Клековски, заедно со министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски и советници во Владата, разговараше за измени во регулативата што ја уредува работата на комисиите за мобилност и туѓа нега.

Целта на предложените промени е постапките да бидат поефикасни, решенијата да се носат побрзо, а граѓаните да бидат ослободени од непотребно собирање и доставување медицинска документација.

Една од насоките е комисиите да имаат пристап до потребната медицинска документација преку системот „Мој Термин“, наместо пациентите сами да ја обезбедуваат и да ја носат од институција до институција.

Планирано е и подобро поврзување на здравствениот и социјалниот систем, што треба да придонесе за поедноставни постапки и подобра контрола на можните злоупотреби.

Клековски нагласи дека зад барањата за туѓа нега и мобилност најчесто стојат лица со сериозни здравствени состојби и семејства кои секојдневно се грижат за нив, поради што секоја дополнителна административна обврска претставува товар.

„Податоците веќе постојат во системот. Треба да патуваат податоците, а не пациентот“, порача Клековски.

Според најавите, работата продолжува со подготовка на конкретните измени во регулативата.