Неколку илјади волонтери утре ќе учествуваат во голема еколошка акција за чистење на јавните површини низ сите скопски општини. Акцијата ќе започне во 10 часот, соопшти Град Скопје.
Во чистењето ќе се вклучат претставници на скопските општини и градоначалниците, претставници на амбасади, ученици, спортисти, јавни личности, како и голем број граѓани.
Од Град Скопје посочуваат дека целта е со заеднички ангажман да се придонесе за почисти и поуредни јавни површини во главниот град.
Утрешната акција е најавена како почеток на континуирана иницијатива. Планот е вакви акции за чистење да се организираат двапати месечно, со цел грижата за јавниот простор да стане редовна практика и заедничка одговорност.
Градските власти ги повикаа граѓаните да се приклучат и со личен пример да придонесат за почисто Скопје.










