Поголем број населби во Скопје денес ќе се соочат со прекин во водоснабдувањето поради дефект на главната водоводна мрежа, соопштија од ЈП „Водовод и канализација“.
Според информациите од претпријатието, станува збор за дефект на водоводна цевка со пречник од 600 милиметри на улицата „Борис Трајковски“, во непосредна близина на бензинската пумпа „Лукоил“ во населбата Пинтија.
Поради интервенцијата, од 9:00 часот без вода ќе останат жителите на Пинтија, Усје, Долно Лисиче, Драчево, Батинци, Студеничани, Моране и Зелениково.
Од ЈП „Водовод и канализација“ информираат дека екипите веќе работат на отстранување на дефектот, а водоснабдувањето ќе биде повторно воспоставено веднаш по завршувањето на санацијата на оштетената водоводна цевка.










