ПРВ.мк
Скопје

СЕ МЕНУВА СООБРАЌАЈОТ ВО СКОПЈЕ: Ново решение за БРТ и над 520 паркинг места кај Клинички

СЕ МЕНУВА СООБРАЌАЈОТ ВО СКОПЈЕ: Ново решение за БРТ и над 520 паркинг места кај Клинички

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави изменет концепт за системот за брз автобуски превоз – БРТ, со кој постојното средишно зеленило на булеварите треба да остане зачувано. Според неговата изјава, наместо автобусите да се движат по средината, предвидено е тие да сообраќаат од левата и десната страна, со дополнителни траси.

За проектот веќе е распишана претквалификациска тендерска постапка за БРТ Линија 1, која ги опфаќа коридорот, депото во Ново Лисиче и надградбата на депото во Ѓорче Петров. Постапката е отворена до 2 ноември.

Ѓорѓиевски посочи дека во следната фаза е предвидена и набавка на околу 40 нови еколошки автобуси. Според најавите, првите градежни активности би можеле да започнат во текот на следната година.

Паралелно, Град Скопје планира да интервенира и кај Клиничкиот центар, каде со години паркирањето претставува сериозен проблем. Ѓорѓиевски најави две големи монтажни паркиралишта со вкупен капацитет за повеќе од 520 возила. За нив е распишана тендерска постапка, а изградбата, според неговата најава, треба да почне по нејзиното завршување.

Градоначалникот информираше и за други инфраструктурни активности во Скопје, меѓу кои враќањето во функција на Жичницата на Средно Водно по неопходните сервисни интервенции, како и подготовките за пуштање во употреба на мостот кај „Јане Сандански“.