Од почетокот на следната недела во Македонија следува позначителна промена на времето, со врнежи, засилен северен ветер и пад на дневните температури.
Во недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Во попладневните часови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а наместа ќе има услови за нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималните температури ќе се движат од 8 до 16 степени, додека максималните ќе достигнат од 26 до 33 степени.
Нестабилното време ќе продолжи и во понеделник, но врнежите ќе бидат со послаб интензитет. Попладне повторно се можни локален пороен дожд и засилен ветер од северен правец. Долж Повардарието ветерот наместа ќе достигнува брзина до 50 километри на час. Дневните температури ќе се движат од 24 до 32 степени.
Од вторник се очекува стабилизирање на времето, но истовремено ќе пристигне постуден воздух од север, што ќе донесе осетен пад на температурите. Максималните дневни температури ќе се спуштат на само 18 до 26 степени.
Во вторник ќе дува засилен, а повремено и силен северен ветер со брзина над 50 километри на час, особено во источните делови од земјата.







