Пазарот на недвижности во Македонија продолжува да расте, а во првата половина од 2026 година во Општина Центар е регистрирана највисока поединечна цена на стан од околу 3.360 евра за квадратен метар, покажуваат податоците од Регистарот на цени и закупнини.
Станува збор за стан со вкупна површина од 50 квадратни метри, од кои 46 квадрати се станбена, а четири квадрати помошна површина. Според нотарскиот акт, за недвижноста биле платени 168.000 евра, а регистрираната цена изнесува 206.640 денари за квадратен метар.
Сепак, 3.360 евра не е просечната цена на квадрат во Центар, туку највисоката постигната цена во анализираниот период.
Просечната цена кај старата градба во Центар изнесувала 1.547 евра за квадрат, додека кај становите од инвеститори просекот достигнал 1.712 евра. Кај старата градба следуваат Аеродром со 1.532 евра и Карпош со 1.523 евра за квадрат.
Над 625 милиони евра потрошени за недвижности
Во првите шест месеци од годинава биле регистрирани вкупно 16.126 трансакции, што е за 2,2 отсто повеќе од истиот период во 2025 година. Од нив, 11.395 биле купопродажби, а 4.731 закупи.
Вкупната вредност на купопродажбите достигнала 625,7 милиони евра, што е раст од 21,3 отсто во споредба со првото полугодие лани. Во однос на истиот период во 2024 година, вредноста е зголемена за околу 40 проценти.
Најголем дел од парите биле потрошени за станови – 289,1 милиони евра. Следуваат куќите со 101 милион евра, деловните простори со 98,3 милиони и градежното земјиште со 52,6 милиони евра.
Аеродром прв според вредноста на купопродажбите
Меѓу анализираните општини, најголема вкупна вредност на купопродажби е забележана во Аеродром – 83,8 милиони евра, што е раст од 75 проценти на годишно ниво.
Следува Центар со 78,3 милиони евра, а потоа Карпош со 62,8 милиони евра. Во Гази Баба биле реализирани трансакции вредни 53,6 милиони евра.
Најголем процентуален раст е регистриран во Гостивар – 81 отсто, по што следуваат Куманово со 77 отсто и Аеродром и Гази Баба со по 75 отсто.
Од друга страна, пад на вкупната вредност на купопродажбите е забележан во Струга, Тетово, Струмица и Кисела Вода.
Куќа од 1,5 милиони евра во Карпош
Во извештајот се издвојуваат и неколку големи поединечни трансакции. Највисоката цена за куќа е регистрирана во Карпош и изнесува 1,5 милиони евра. Куќата има површина од 575 квадратни метри и се наоѓа на земјиште од 1.731 квадрат.
Најскапата трансакција со деловен простор е регистрирана во Аеродром – речиси 6,8 милиони евра за простор од 3.478 квадратни метри.
Податоците покажуваат и раст кај закупите, при што вкупниот износ на месечните закупнини во првата половина од 2026 година е зголемен за 29,4 отсто.
Иако бројот на трансакции пораснал релативно умерено – за 2,2 проценти, нивната вкупна вредност е зголемена за повеќе од една петтина, што укажува на значително повисоки износи што се вртат на пазарот на недвижности.







