ПРВ.мк
Скопје

ОД ЦЕНТАР ДО АЕРОДРОМ ЗА САМО 8 МИНУТИ: Николоски најави брз воз и до овие три скопски општини!

ОД ЦЕНТАР ДО АЕРОДРОМ ЗА САМО 8 МИНУТИ: Николоски најави брз воз и до овие три скопски општини!

Скопје напролет ќе започне со изградба на брзата железничка пруга, а првиот и клучен сегмент ќе биде директното железничко поврзување меѓу Новата железничка станица и меѓународниот аеродром во Петровец. Според најавите, патувањето со брзиот воз од центарот на градот до аеродромскиот терминал ќе трае меѓу 8 и 11 минути.

Ова го најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во гостувањето во „Вечерното шоу“ на ТВ Алфа, посочувајќи дека проектот е дел од поширок план за модернизација на железничкиот сообраќај и целосна трансформација на јавниот превоз во главниот град.

По неодамнешното пуштање во сообраќај на првата линија на градскиот воз, надлежните веќе работат на проширување на железничката мрежа и воведување нови постојки. Николоски вели дека првичните реакции од граѓаните се одлични и дека градскиот воз претставува еколошко, брзо и ефикасно решение со електрични возови, кое значително го скратува патувањето од приградските населби до центарот на Скопје.

Во моментов се работи и на отворање нова железничка постојка кај населбата „11 Октомври бараки“ во Општина Кисела Вода, како и на поставување велосипедски постојки и усогласување на возниот ред со ЈСП.

Планот за развој на скопскиот градски воз предвидува и воведување на уште две дополнителни линии. Втората линија треба да сообраќа од Новата железничка станица преку Автокоманда, Маџари, Ченто и Илинден, сè до Агино Село.

Третата линија ќе ги поврзува Волково и Ѓорче Петров, преку Скопје Север и Бутел, а потоа ќе продолжува до Новата железничка станица.

За функционирањето на новите железнички линии, Министерството за транспорт работи и на модернизација на возниот парк. Според Николоски, преку Европската банка за обнова и развој се набавуваат пет нови електрични локомотиви, со кои треба да се овозможи целосна електрификација на карго-сообраќајот.

Во соработка со Светската банка, пак, се финализира набавката на четири до шест современи патнички возови изработени според највисоките европски стандарди. Новите возови ќе имаат и посебен простор за велосипеди и миленици.