ПРВ.мк
Балкан

НОВА ТЕНЗИЈА ВО ЕВРОПА: Русија нападна воз на линијата Киев–Варшава - дали следна е Европа?

НОВА ТЕНЗИЈА ВО ЕВРОПА: Русија нападна воз на линијата Киев–Варшава - дали следна е Европа?

Полската влада денеска ја обвини Москва за ескалација на конфликтот по руските напади врз железничката инфраструктура во близина на полско-украинската граница, вклучително и врз возот што сообраќал од Киев кон Варшава.

„Путин ескалира“, напиша полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски на платформата „Х“. Премиерот Доналд Туск, пак, за попладневните часови свика кризен состанок со министрите и претставници на безбедносните служби.

Локомотивата на патничкиот воз од Киев за Варшава била нападната на граничната станица Јаходин, соопштија Украинските железници. Патниците навреме биле евакуирани и, според досегашните информации, нема повредени.

Полскиот железнички оператор ПКП соопшти дека возот од украинска страна го презел со доцнење од повеќе од шест часа, по што тој продолжил кон Варшава.

Полскиот министер за одбрана Владислав Косињак-Камиш изјави дека еден дрон погодил локација во западна Украина на околу еден километар од границата со Полска, додека друг бил забележан на околу пет километри од границата.

Полските борбени авиони Ф-16 и извидувачки авион ја следеле ситуацијата, но според министерот, полскиот воздушен простор не бил нарушен.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека руските напади во близина на полско-украинската граница, во Волинскиот регион, предизвикале пожар на локомотивата и оштетиле бензинска пумпа.

Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха повика на поостри последици за Москва. Тој оцени дека руските напади во близина на полско-украинската граница не претставуваат само продолжение на нападите врз украинската територија.

„Ова е теророт на Путин кој тропа директно на вратите на ЕУ и НАТО“, напиша Сибиха.

Полскиот министер за внатрешни работи Марчин Кјервињски порача дека властите настаните ги сфаќаат „исклучително сериозно“.

Од Москва потврдиле дека руските сили извршиле напади врз железничка инфраструктура во западна Украина, но навеле дека цел биле објекти што, според руското Министерство за одбрана, се користеле за транспорт на воена опрема од европските земји.

Железничката инфраструктура во Украина и претходно често била цел на руски напади, при што биле предизвикувани прекини во сообраќајот и оштетувања на станици и пруги.