Драматична ноќ помина хрватскиот остров Брач, каде голем пожар се приближи до населени места и принуди повеќе од 200 жители и туристи да ги напуштат своите домови и сместувања.
Најкритично било во областа на Милна, каде огнената стихија се приближила до објектите, а дел од нив биле оштетени. Пожарникарите со часови се бореле да го задржат огнот и успеале да го одбранат населеното место од уште поголема опасност.
Евакуираните жители и туристи биле префрлени на безбедни локации. Дел од нив биле сместени во спортската сала во Супетар, додека други биле згрижени во пасторалниот центар во Постира.
Со првите утрински часови, во гаснењето се вклучиле и четири канадери, кои им се придружиле на пожарникарските екипи што во текот на целата ноќ се бореле со огнената стихија.
Според противпожарните служби, засега нема информации за потешко повредени лица. Регистрирани се случаи на вдишување чад, а на едно лице му била укажана медицинска помош.
Иако состојбата во Милна била особено сериозна, пожарникарите успеале да спречат огнот да предизвика уште поголема опасност за населеното место.
Екипите и натаму се на терен. Според последните информации, нема нови отворени огнени жаришта, но пожарот сè уште се води како активен, поради што опасноста не е целосно отстранета.








