ПРВ.мк
Балкан

ДЕТЕ НА 10 ГОДИНИ ЗНАЕЛО ДА РАКУВА СО ПИШТОЛ: Откриени нови детали за случајот што го потресе Обеновац

ДЕТЕ НА 10 ГОДИНИ ЗНАЕЛО ДА РАКУВА СО ПИШТОЛ: Откриени нови детали за случајот што го потресе Обеновац

Сè повеќе детали излегуваат на виделина за крвавиот инцидент што на 9 септември се случи во портата на црквата „Свети Никола“ во Дражевец кај Обреновац, каде што, според истрагата, малолетно момче по наредба од својот татко Славко О. (44) пукаше во 25-годишниот Милан Р.

На средбата во црковната порта, која била договорена поради претходни несогласувања, најпрво дошло до вербален конфликт и физичко кошкање. Според досегашните наводи од истрагата, Славко О. го турнал Милан во пределот на рамото, по што му се обратил на својот малолетен син со зборовите: „Сине, пукај“.

Момчето потоа отишло до автомобилот, од касетата го земало полуавтоматскиот пиштол „Walther“, го подготвило за употреба и пукало кон Милан Р. Младиот човек бил погоден во десната надлактица и во стомакот, по што бил пренесен на лекување во Воено-медицинската академија во Белград.

Особено шокантен дел од истрагата се аудиоснимките пронајдени во телефоните на ранетиот Милан Р. и неговата сопруга. Полицијата ги одзела телефоните за вештачење, а според истражителите, на снимките се слушаат претходни закани и навреди упатени кон Милан, при што, според наводите, учествувал и малолетникот.

По пукањето, Славко О. и неговиот син наводно побегнале од местото на настанот и заминале во Бргуље, во општина Уб, до куќата во која престојувал 50-годишниот Слободан Н.

Според сомнежите на истрагата, Слободан Н. го презел пиштолот со кој бил ранет Милан Р., го однел до нива во негова сопственост и го закопал во земјата, ставен во ПВЦ-кеса покрај растителноста.

На сослушувањето во Вишото јавно обвинителство во Белград, Славко О. се бранел со молчење, додека Слободан Н. го негирал извршувањето на кривичното дело. За двајцата е предложен притвор.

Славко О. се товари за обид за убиство со поттикнување, во спој со недозволено носење оружје, додека Слободан Н. е осомничен за помагање на сторителот по извршувањето на делото.

Бидејќи малолетникот поради возраста не е кривично одговорен, за него се грижи Центарот за социјална работа во Уб, каде што има пријавено живеалиште. По одлука на надлежните служби, тој бил итно издвоен од семејството и одземен од родителите, а по предлог на Центарот за социјална работа бил префрлен во психијатриска установа во Белград.

Во понатамошната постапка треба да се утврдува и евентуалната одговорност на родителите за занемарување на детето.