ПРВ.мк
Свет

НАПАДИ ВО ОРМУЗ БЕЗ ЗНАЕЊЕ НА ИРАНСКИТЕ ВЛАСТИ? „Њујорк тајмс“ открива детали

НАПАДИ ВО ОРМУЗ БЕЗ ЗНАЕЊЕ НА ИРАНСКИТЕ ВЛАСТИ? „Њујорк тајмс“ открива детали

Група ирански поддржувачи на тврдата линија на почетокот на јули наводно извршила напади врз бродови во Ормуската Теснина без претходно знаење на иранските власти, па дури и без знаење на командантот на Корпусот на Исламската револуционерна гарда (ИРГЦ). Според „Њујорк тајмс“, нападите практично ги урнале мировните напори меѓу Иран и САД.

Весникот, повикувајќи се на ирански официјални лица, објавува детали за настаните и наведува дека иранскиот претседател Масуд Пезешкијан бил изненаден од нападите. Според тие информации, тој луто му се јавил на командантот на ИРГЦ, генералот Ахмад Вахиди, кој му рекол дека не ги одобрил нападите и дека претходно не знаел дека ќе бидат извршени.

Како што пишува „Њујорк тајмс“, ниту Врховниот совет за национална безбедност немал сознанија за планираните напади. Тие предизвикале американска реакција и, според наводите на весникот, го нарушиле Меморандумот за разбирање меѓу Техеран и Вашингтон, кој требало да придонесе кон ставање крај на војната.

Според изворите на весникот, влијанието што го имала оваа маргинална тврдокорна група врз безбедносните структури било овозможено од вакуумот во раководењето. Тоа, како што се наведува, било последица и на отсуството од јавноста на врховниот лидер Моџтаба Хамнеи, кој ја презел функцијата откако неговиот татко Али Хамнеи загинал на почетокот на војната.

Инцидентот, според истите извори, предизвикал едни од најсериозните несогласувања меѓу иранските лидери во последниот период. Неколку функционери наводно дури се заканиле и со оставка.

Како една од клучните фигури на екстремната фракција е посочен верскиот великодостојник и поранешен шеф на разузнавачкиот огранок на ИРГЦ, Хосеин Таеб. Тој неодамна бил именуван за командант на милицијата Басиџ.

Таеб речиси 15 години го предводел разузнавачкиот огранок на Иранската револуционерна гарда, сè до јуни 2022 година, кога ненадејно бил сменет. Причините за неговото разрешување никогаш не биле целосно разјаснети, иако неговото заминување се совпаднало со протекувањето информации за наводен заговор насочен кон Израелци во Турција.

Со оглед на тоа што Таеб долго време важел за близок човек до Моџтаба Хамнеи, неговото именување на новата функција се толкува како можен сигнал дека иранските власти сакаат да спречат повторување на масовните протести што избувнале во јануари годинава.