Вработените мајки во Македонија би можеле да добијат целосен поврат на платениот данок на личен доход, а за оние кои ќе родат трето или секое следно дете поволноста би траела дури 18 години.
Ова е предвидено со предлог-закон поднесен од независниот пратеник Миле Цеков, чија цел е преку даночни олеснувања да се обезбеди дополнителна финансиска поддршка за семејствата и да се стимулира наталитетот.
Според предложениот модел, времетраењето на повратот би зависело од бројот на деца. За првото дете мајката би имала право на поврат во период од 12 месеци по завршувањето на породилното отсуство, а за второто – 24 месеци.
Најголемата поволност е предвидена за третото и секое следно дете, кога правото на поврат би траело до 18 години.
За разлика од некогашниот додаток за трето дете, не се предлага ист фиксен износ за секоја мајка. Наместо тоа, би се враќал данокот на личен доход што таа веќе го платила преку својата заработка.
Тоа значи дека конкретниот износ би зависел од платата и висината на платениот данок. На пример, доколку во текот на месецот се плаќаат 2.500 денари данок, на годишно ниво повратот би изнесувал околу 30.000 денари.
Предлогот предвидува постапката да се спроведува автоматски преку Управата за јавни приходи, без мајките да мора да поднесуваат посебни барања. УЈП би ги вкрстувала податоците за остварениот доход и родените деца, а повратот за претходната година би се исплаќал на трансакциска сметка најдоцна до 30 јуни.
Сепак, важно е да се нагласи дека станува збор за предлог-закон, а не за веќе воведена мерка. За повратот навистина да започне да се применува, предлогот треба да ја помине законодавната процедура и да биде усвоен.








