Вицепремиерот и министер за европски прашања Беким Сали вели дека продолжуваат обидите за постигнување политички договор за новиот Изборен законик, но дека процесот сè уште е во фаза на преговори.
Според Сали, на прашањето активно работи новиот министер за правда Јетон Шасивари, кој води разговори со политичките партии во обид да се обезбеди потребната поддршка.
Сали посочи дека претходно предложеното решение било прифатено од повеќе партии застапени во Собранието, но дека две политички партии во последен момент ја повлекле поддршката.
„По промената во Министерството за правда веќе има напори за усвојување на тој закон, меѓутоа тој сè уште е во фаза на преговори“, изјави Сали.
Прашањето повторно е во фокусот откако во средината на јули истече рокот предвиден во реформската агенда за донесување на Изборниот законик. Во моментов партиите остануваат со различни ставови за неколку клучни прашања.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, се спротивстави на предлогот за гласање на дијаспората по електронски пат или по пошта, оценувајќи дека таквото решение може да создаде простор за изборни злоупотреби. Помалите партии, пак, бараат Македонија да биде една изборна единица, предлог за кој нема согласност кај дел од албанските политички партии.
Премиерот Христијан Мицкоски претходно порача дека очекува опозициските партии да ги усогласат своите позиции и да предложат заедничко решение.
Паралелно се работи и на Кривичниот законик, за кој, според објавените информации, рокот од реформската агенда е до декември годинава.
Сали изрази очекување дека ова законско решение ќе биде донесено навреме, нагласувајќи дека и Изборниот и Кривичниот законик се прашања за кои е потребна поширока политичка поддршка.








