Локацијата за изградба на Националниот дата-центар е избрана и, според објавените информации, објектот најверојатно ќе биде сместен во близина на технолошко-индустриските развојни зони Скопје 1 и Скопје 2.
Локацијата е избрана поради неколку стратешки предности – близината до автопатската инфраструктура, пристапот до оптичка мрежа, како и можноста во иднина да се изгради фотонапонска централа која би обезбедувала сопствено производство на електрична енергија.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски соопшти дека проектот е вреден 20 милиони евра, од кои околу 70 проценти се предвидени за изградба на објектот, а останатите 30 проценти за опрема.
Според најавите, 30 проценти од средствата треба да бидат обезбедени како грант. Светска банка отпаднала како можен финансиер поради некомпатибилност со одредени барања на ЕУ, по што Владата преговара со други меѓународни финансиски институции кои се усогласени со Планот за раст на Европската Унија.
Една од институциите што се разгледува е Банката за развој на Советот на Европа.
За изградбата и целосното пуштање во употреба на дата-центарот се проценува дека ќе бидат потребни меѓу две и две и пол години.
Набавката на хардвер е планирана за периодот 2027–2028 година. Очекувањата се дека дотогаш би можело да дојде до стабилизирање на цените на опремата, кои во изминатиот период бележат раст во услови на огромна глобална побарувачка поврзана со развојот на вештачката интелигенција.
Националниот дата-центар е планиран како модуларен објект, што ќе овозможи инфраструктурата постепено да се проширува и надградува. Предвидена е и колокација на опремата на државните институции, како и можност во иднина да се интегрираат технологии базирани на вештачка интелигенција.
По завршувањето на проектот треба да започне постепена миграција на податоците од државните институции кон новиот центар.
Очекувањата на надлежните се дека со централизирањето и модернизирањето на инфраструктурата значително ќе се подобрат заштитата на државните информациски системи, управувањето со податоците и нивото на сајбер-безбедност.
Според објавените информации, во моментов резервен центар од ваков тип државата има во Прилеп, во рамки на Министерството за внатрешни работи.








