ПРВ.мк
Скопје

Новите автобуси во Скопје без реклами: Ѓорѓиевски објасни зошто

Новите автобуси во Скопје без реклами: Ѓорѓиевски објасни зошто

Новите автобуси што ќе сообраќаат низ Скопје нема да бидат покриени со реклами, најави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Тој посебно се осврна на практиката рекламните материјали да се поставуваат на прозорците на автобусите, нешто што во минатото често предизвикуваше реакции кај патниците.

„Јас не сум за реклами на новите автобуси, особено не сум за реклами на местата кои многу често јавноста ги критикува, а тоа се прозорите на автобусите. Прво од безбедносни причини, а потоа и од практични причини. Да сумираме, на новите автобуси нема да дозволам да има реклами“, изјави Ѓорѓиевски.

Градоначалникот зборуваше и за состојбата што ја затекнал во градските јавни претпријатија. Според него, Финансиската полиција веќе проверува одредени случаи, а Град Скопје е отворен за соработка со надлежните институции.

Како пример го посочи ЈСП „Скопје“, каде што, според неговите тврдења, дел од автобусите во минатото биле оставани надвор од употреба иако биле потребни релативно мали интервенции за повторно да бидат ставени во функција.

Ѓорѓиевски оцени дека ваквите случаи се индикативни и дека институциите треба да утврдат што точно се случувало.

„Тоа не се мои ресурси, не се ниту на било кој друг, на цел народ се тие ресурси. Сите Скопјани плаќаат за ние да имаме квалитетни услуги“, порача градоначалникот.

Тој се осврна и на проблемите со собирањето на отпадот, оценувајќи дека претходната состојба со комуналната хигиена претставувала неодговорен однос кон граѓаните.

Ѓорѓиевски нагласи дека не може да открива детали за постапките што ги водат надлежните органи, но изрази очекување дека случаите ќе добијат институционална разрешница.

Засега станува збор за тврдења и индиции изнесени од градоначалникот, додека евентуална одговорност за неправилности треба да ја утврдат надлежните институции.