Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, најави обновување на возниот парк на ЈСП и ЈП „Комунална хигиена“, како и поставување на илјадници нови контејнери низ градот.
Во гостување на 4ТВ, Ѓорѓиевски изјави дека двете јавни претпријатија и понатаму имаат сериозни проблеми со дотраената механизација, но тврди дека во изминатиот период биле направени значителни заштеди.
Според него, на скопските улици во моментов сообраќаат повеќе од 200 автобуси, односно околу 50 повеќе во споредба со претходниот период. Голем дел од возилата се стари меѓу 10 и 15 години, но со нивното повторно ставање во функција и промените во работењето, ЈСП за шест месеци, според Ѓорѓиевски, заштедило околу половина милион евра само за гориво.
Градоначалникот информираше и дека тендерската постапка за набавка на нови автобуси е завршена, со што треба да започне обновувањето на возниот парк на јавниот превоз.
Промени се најавуваат и во „Комунална хигиена“. Во моментов на терен работат околу 50 камиони, наспроти околу 70 во претходниот период. И покрај помалиот број возила, Ѓорѓиевски тврди дека и таму е направена заштеда од околу половина милион евра за гориво.
Тој им се извини на скопјани за доцнењето при собирањето на отпадот, признавајќи дека постојната механизација не е доволна за навремено опслужување на целиот град.
Како решение, Ѓорѓиевски најави набавка на нови камиони, чие пристигнување го поврза со одлука на Владата и итна седница на Советот на Град Скопје.
Истовремено, веќе се набавени 3.300 нови контејнери, за кои градоначалникот тврди дека се обезбедени по двојно пониска цена во споредба со претходните набавки.
Според најавата, испораката и поставувањето на новите контејнери низ Скопје треба да започнат во следните седум до десет дена.








