ПРВ.мк
Скопје

(ФОТО) ОД БУТЕЛ ДО АМЕРИКАНСКИОТ ОЛИМПИСКИ ЦЕНТАР: Костовски откри што стои зад успехот на шампионите

(ФОТО) ОД БУТЕЛ ДО АМЕРИКАНСКИОТ ОЛИМПИСКИ ЦЕНТАР: Костовски откри што стои зад успехот на шампионите

Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, го посети Американскиот олимписки и параолимписки тренинг-центар во Колорадо Спрингс, каде што имал можност одблиску да се запознае со начинот на кој функционира еден од најразвиените спортски системи во светот.

Костовски во својата објава изрази благодарност до Стејт департментот на САД за можноста да го посети центарот, кој претставува едно од најзначајните места за подготовка и развој на американските врвни спортисти.

Тој посочи дека посетата била особено значајна за него бидејќи целиот живот е поврзан со спортот. Во центарот имал можност да види како изгледа системот што стои зад успехот на еден врвен спортист – од стручни тренери и спортска наука, до медицинска поддршка, правилна исхрана, психологија и долгорочно планирање на кариерата.

Според Костовски, најголемиот впечаток е сознанието дека олимписките медали не се создаваат случајно, туку зад секој голем успех стојат многу работа, дисциплина, знаење, услови и добро организиран систем.

Посетата го потсетила и на спортскиот успех што, како што наведува, бил создаден во Бутел под водство на неговиот брат. Тој нагласува дека тој успех бил постигнат без силна системска поддршка, туку со голема посветеност, жртва и верба дека може да се стигне до самиот олимписки врв.

Костовски остварил и средби со претставници на американското олимписко движење, од кои имал можност да слушне повеќе за организацијата на спортскиот систем и начинот на кој се создаваат услови за континуирано производство на врвни спортисти и олимписки шампиони.

Во рамки на посетата, тој го посетил и Олимпискиот и параолимписки музеј на САД, каде што се запознал со историјата на американскиот олимписки спорт и приказните на голем број успешни спортисти.

Како особено впечатлив момент ја издвојува можноста да биде на место каде што се подготвувале некои од најголемите имиња во светскиот спорт, меѓу кои и Мајкл Фелпс и Мајкл Џонсон.

Костовски оценува дека посетата во Колорадо Спрингс претставува големо искуство и дополнителна потврда дека за создавање врвни спортисти се потребни систем, стручност, дисциплина и долгорочна визија.