ПРВ.мк
Скопје

НОВ УДАР ПО ЏЕБОТ НА СКОПЈАНИ: Од август следуваат повисоки сметки за парно – еве колку ќе плаќате повеќе!

НОВ УДАР ПО ЏЕБОТ НА СКОПЈАНИ: Од август следуваат повисоки сметки за парно – еве колку ќе плаќате повеќе!

Жителите на Скопје кои се греат на топлинска енергија од 1 август ќе плаќаат повисоки сметки, откако Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука за зголемување на цената на парното во просек за 5,96 проценти.

Со новата одлука, просечната месечна сметка за домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција и ЕСМ Производство на топлина ќе порасне за околу 140 денари. Така, просечната сметка наместо досегашните 2.353 денари ќе изнесува околу 2.493 денари.

Промени ќе има и за корисниците на поранешната „Топлана Скопје Север“, со која сега управува „Енерџи Еколинк“. За нив цената на топлинската енергија ќе биде повисока во просек за 3,6 проценти. Кај домаќинствата што се снабдуваат преку ЕСМ Енергетика, зголемувањето ќе изнесува околу пет проценти.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Ацо Ристов, изјави дека одлуката е донесена по детална економска и техничка анализа на работењето на компаниите што обезбедуваат топлинска енергија во главниот град.

Според него, енергетските компании побарале значително поголемо покачување на цените – од 30 до дури 130 проценти, но Комисијата оценила дека оправдано е зголемување од 5,96 проценти.

Ристов нагласил дека РКЕ ја поддржува иницијативата за обединување на компаниите на ЕСМ кои работат во секторот за топлинска енергија, бидејќи тоа би овозможило поефикасно користење на ресурсите и би создало услови за постабилни и поповолни цени за потрошувачите во иднина.

Од Комисијата посочуваат дека, и покрај најновото поскапување, граѓаните на Скопје кои користат централно греење и натаму имаат пониски годишни трошоци во споредба со корисниците на топлинска енергија во Белград, Љубљана, Софија и Сараево.

Во меѓувреме, интересот за приклучување кон системот продолжува да расте. Според податоците на РКЕ, во текот на последната грејна сезона биле приклучени уште 1.521 нов корисник, со што вкупниот број домаќинства и потрошувачи кои се снабдуваат со топлинска енергија достигнал 67.494.