ПРВ.мк
Скопје

Неверојатна сума за уличните кучиња: Градот за нив троши милиони - ова се рекордните пријави што пристигнале до Лајка!

Неверојатна сума за уличните кучиња: Градот за нив троши милиони - ова се рекордните пријави што пристигнале до Лајка!

Речиси 46 милиони денари, односно околу 750 илјади евра, биле исплатени од градските власти во изминатата година како надомест на граѓани кои биле каснати од бездомни кучиња. И покрај милионските средства што се издвојуваат за обесштетување, како и активностите на ЈП „Лајка“, граѓаните и понатаму пријавуваат групи улични кучиња во различни делови на Скопје.

Бројот на пријави покажува дека проблемот останува сериозен. Само до 24 јуни годинава, ЈП „Лајка“, кое има стационар со капацитет од 140 места, примило дури 710 пријави од граѓани за заловување на бездомни кучиња.

Иако официјалниот капацитет на стационарот е 140 кучиња, во моментов таму се згрижени околу 180 кучиња. Дополнителниот број е овозможен преку надворешни боксови кои биле обезбедени за групно чување на животните.

Според процедурата на ЈП „Лајка“, граѓаните кои ќе забележат улично или агресивно куче можат да поднесат пријава преку посебната алатка на веб-страницата на претпријатието. По пријавата, екипите излегуваат на терен и доколку кучето биде заловено, тоа се носи во стационарот.

Таму животното поминува низ ветеринарен третман кој опфаќа стерилизација, вакцинација против беснило, микрочипирање и обележување со ушна маркичка. По завршувањето на третманот и проценката на неговото однесување, кучето вообичаено се враќа на локацијата од која било заловено.

Постои исклучок доколку е пријавено каснување и тоа е поткрепено со медицинска документација. Во такви случаи, по заловувањето, кучето не се враќа на истата локација.

Од ЈП „Лајка“ посочуваат дека причините за големиот број улични кучиња не се поврзани само со животните кои веќе се на улица, туку и со неодговорното сопствеништво и неконтролираното размножување на домашните кучиња.

Податоците од последниот мониторинг, спроведен во 2023 година, покажале дека на територијата на Скопје имало околу 4.000 улични кучиња, од кои приближно 48 проценти биле стерилизирани.

Истовремено, мониторингот покажал и друг значаен податок – околу 18 проценти од кучињата затекнати на улица биле сопственички, но биле оставени без надзор.

За споредба, во Скопје има околу 40.000 регистрирани сопственички кучиња, но само околу 9 проценти од нив се стерилизирани, според податоците што ги доставило ЈП „Лајка“.

Во меѓувреме, до редакцијата на „Мета.мк“ пристигнувале поплаки од граѓани од повеќе скопски населби, кои велат дека проблемот со групи бездомни кучиња трае со месеци.

Жителка на Тафталиџе: „Групата се појави преку ноќ“

Една жителка на Тафталиџе раскажува дека група кучиња се појавила во населбата минатата есен и оттогаш постојано се задржува на истата локација.

Според неа, било очигледно дека кучињата биле донесени од друго место, бидејќи ниту едно од нив претходно не им било познато на жителите, а немале ниту ушни маркички. Меѓу групата имало и женки со мали кученца.

Проблемот, како што вели, е дополнително сериозен поради локацијата на која се наоѓаат животните – веднаш до фреквентна улица. Жителите секојдневно слушале возила како нагло закочуваат за да ги избегнат кучињата, што претставува ризик и за возачите и за самите животни.

Таа тврди дека кучињата се однесуваат агресивно кон минувачи кои шетаат домашни миленици, но и кон велосипедисти и лица кои се движат со тротинети.

Иако групата, според неа, била пријавувана повеќепати во ЈП „Лајка“ и во Општина Карпош, кучињата сè уште се на истото место.

Одговорот што го добиле жителите бил дека кучињата може да бидат заловени и да поминат низ хуман третман, но дека поради исполнетите капацитети не можат трајно да бидат задржани.

Од ЈП „Лајка“, пак, велат дека токму оваа група била идентификувана како приоритет за интервенција. Според нивните теренски согледувања, станува збор за кучиња кои не се автохтони за тоа подрачје.

Од претпријатието посочуваат дека фактот што целата група се појавила истовремено, како и тоа што ниту едно од кучињата претходно не било третирано, создава основано сомнение дека животните биле дислоцирани од друга општина надвор од Скопје.

Граѓанин од Ѓорче Петров: „Ме заобиколија и почнаа да рипаат по мене“

Слично негативно искуство има и граѓанин од Ѓорче Петров, кој моментално води постапка за надомест на штета поради каснување од куче.

Тој раскажува дека неколку дена пред Нова година се враќал дома кога пред влезот на зградата го пречекала група од шест кучиња.

Како што вели, и претходно кучињата знаеле да трчаат по него и да лаат, но очекувал дека и тој пат ситуацијата ќе заврши само со лаење. Наместо тоа, кучињата му се стрчале, го опколиле и почнале да скокаат кон него.

Во тој момент немал ништо со себе со што би можел да се заштити. Едно од најголемите кучиња, за кое вели дека и претходно повеќепати го напаѓало, го каснало за ногата.

По нападот, успеал да се ослободи и да влезе во зградата, а истата вечер побарал лекарска помош во Државната болница.

Тој вели дека во последните неколку години во Скопје престојува во пократки периоди и дека секогаш кога се враќа забележува сè поголем број кучиња на улиците. Според неговото искуство, нападите се повторуваат, поради што секоја вечер кога се враќа дома се чувствува принуден да очекува нов напад.

Минатата година заловени околу 1.000 кучиња

Податоците од ЈП „Лајка“ покажуваат дека во текот на минатата година биле заловени околу 1.000 кучиња.

Од нив, околу 850 биле стерилизирани, додека останатите случаи се однесувале на сопственички кучиња, случаи на откажано сопствеништво или животни кои повторно биле заловени поради изгубена ушна маркичка.

И покрај овие активности, проблемот со бездомните кучиња останува присутен во повеќе скопски населби, а бројот на поплаки од граѓаните покажува дека постојното решение не успева целосно да ја отстрани опасноста и непријатностите со кои се соочуваат жителите.

Град Скопје не одговорил на прашањата поврзани со оваа тема.

На почетокот на годинава беше најавена инвестиција од 30 милиони денари за проширување на капацитетите на ЈП „Лајка“, со образложение дека средствата треба да придонесат кон трајно и системско решавање на проблемот со бездомните кучиња.

Додека тоа проширување не биде реализирано и додека не се воспостави долгорочно решение, градските власти продолжуваат да издвојуваат значителни средства за надомест на граѓаните кои ќе бидат нападнати и каснати од бездомни кучиња.

Така, зад бројката од речиси 46 милиони денари исплатена отштета не стои само финансискиот товар за градот, туку и сериозниот проблем со безбедноста на граѓаните, кој и понатаму останува нерешен во голем број скопски населби.