ПРВ.мк
Сцена

ТАЈНИОТ ПЛАН НА ПРИНЦЕЗАТА ДИЈАНА: Сакала да се омажи за големата љубов и да побегне од кралскиот живот!

ТАЈНИОТ ПЛАН НА ПРИНЦЕЗАТА ДИЈАНА: Сакала да се омажи за големата љубов и да побегне од кралскиот живот!

Принцезата Дијана имала план да го напушти животот во Велика Британија и далеку од кралското семејство и медиумскиот притисок да започне ново поглавје во Јужна Африка, заедно со кардиохирургот Хаснат Кан, кого го сметала за една од најзначајните љубови во нејзиниот живот.

Нови детали за нејзините планови открива нејзиниот брат Чарлс Спенсер во мемоарите „Swan Song: Diana, My Sister“, објавени речиси 30 години по смртта на принцезата.

Според неговото сведоштво, Дијана во март 1997 година отпатувала во Кејптаун за да види дали токму Јужна Африка би можела да биде местото каде што таа и Кан ќе започнат заеднички живот.

Нејзините планови, според Спенсер, биле посериозни од обично размислување за преселба. Дијана стапила во контакт и со познатиот јужноафрикански кардиохирург Кристијан Бернард, со надеж дека тој би можел да помогне Кан да добие работа во болница во Кејптаун.

Таа наводно сонувала за живот подалеку од британскиот двор и непрекинатото внимание на јавноста, надевајќи се дека во Јужна Африка би можела да пронајде повеќе мир и приватност.

Врската со Хаснат Кан започнала во 1995 година, кога двајцата се запознале во лондонската болница „Ројал Бромптон“, каде што тој работел како кардиохирург. Односот постепено прераснал во романса која околу две години била чувана во голема тајност.

Дијана наводно била сериозно посветена на врската и размислувала и за брак. Нејзиниот поранешен батлер Пол Барел подоцна изјавил дека принцезата дури го замолила да пронајде свештеник кој би можел да ги венча.

Кан бил муслиман, а подоцна ја опишал идејата за брак со Дијана како нереална. Принцезата во тој период го посетила и неговото семејство во Пакистан, а Хаснат го запознала и со своите синови, Вилијам и Хари.

Во текот на истрагата за смртта на Дијана во 2008 година, Кан сведочел дека двајцата размислувале и за можноста да се преселат во Пакистан. Тој, сепак, стравувал дека како сопруг на принцезата никогаш нема да може да води нормален и приватен живот.

Врската на крајот завршила во летото 1997 година, само неколку недели пред смртта на Дијана во сообраќајната несреќа во Париз. По раскинувањето, таа започнала врска со Доди ал Фајед, кој исто така го загуби животот во несреќата.

Чарлс Спенсер во своите мемоари пишува дека Дијана во последните месеци од животот била длабоко несреќна, а нејзиното патување во Кејптаун го опишува како обид да замисли целосно поинаков живот.

Деталите за плановите со Хаснат Кан се само дел од откритијата во книгата, која повторно отвора прашања за приватниот живот на Дијана, нејзиниот брак со тогашниот принц Чарлс, односите со кралското семејство и периодот пред нејзината смрт.