ПРВ.мк
Балкан

РАЗБИЕНА КРИМИНАЛНА ШЕМА: Фиктивни компании и лажни фактури ја оштетиле државата за над 13,3 милиони евра!

РАЗБИЕНА КРИМИНАЛНА ШЕМА: Фиктивни компании и лажни фактури ја оштетиле државата за над 13,3 милиони евра!

Грчката полиција разоткрила криминална организација која преку фиктивни компании и лажна документација, според досегашната истрага, ја оштетила грчката држава за повеќе од 13,3 милиони евра.

Во рамки на полициската акција во поширокиот регион на Солун биле уапсени пет лица. Меѓу нив, според грчките власти, се наоѓале и двајца за кои постојат сомнежи дека имале раководни улоги во организацијата. Дополнително, полицијата идентификувала уште 18 лица кои на различен начин биле поврзани со случајот.

Истрагата покажала дека криминалната група дејствувала најмалку од септември 2022 година. Членовите основале повеќе компании за општа трговија, при што како нивни управители биле поставувани лица кои, според полицијата, биле фиктивно ангажирани.

Преку овие компании биле реализирани трансакции и издавани даночни документи со цел избегнување на плаќањето ДДВ и други даночни обврски.

Според досегашните наоди, производите биле набавувани од компании во земји членки на Европската Унија без пресметан ДДВ, по што биле внесувани и продавани на грчкиот пазар преку фиктивните компании.

Даночните обврски потоа биле заведувани на имињата на фиктивните управители, но средствата не биле уплаќани во државниот буџет.

Штетата, според истрагата, не се однесувала само на даночните приходи. Членовите на организацијата, како и дел од нивните роднини и пријатели, биле пријавувани во системот на социјално осигурување, без притоа да се уплаќаат соодветните придонеси.

За да го отежнат откривањето на шемата и да ги избегнат контролите, осомничените постојано основале нови компании и ги менувале лицата што формално биле запишани како управители.

Полицијата наведува дека на лицата кои биле користени како фиктивни управители им биле исплаќани меѓу 500 и 1.500 евра месечно. Во одредени случаи, за оваа улога биле ангажирани и лица кои се наоѓале во состојба на социјална маргинализација.

Грчките надлежни институции продолжуваат со истрагата со цел целосно да се расветли начинот на функционирање на организацијата, да се утврди точниот обем на финансиската штета и да се разјасни улогата на сите лица поврзани со случајот.