Црна Гора се подготвува за значајна промена во начинот на кој се финансираат пензиите. Владата предлага целосно укинување на преостанатиот придонес за пензиско и инвалидско осигурување и пензиите во иднина да се обезбедуваат од општите буџетски приходи.
Планот предвидува од јануари стапката на придонесот за ПИО да се намали од сегашните 10 проценти на нула. Ова е продолжение на реформите од програмата „Европа сега 2“. Во октомври 2024 година придонесот што го плаќаат работниците беше намален од 15 на 10 проценти, додека придонесот од 5,5 проценти што го плаќаа работодавачите беше целосно укинат.
Поголем дел од пензиите и сега се плаќа од буџетот
Со евентуалното укинување на придонесот, средствата што досега се издвојуваат од бруто-платите би останале во нето-примањата на работниците. Во исто време, државата би требало пензиите да ги финансира преку ДДВ, данокот на доход, данокот на добивка, акцизите и останатите буџетски приходи.
Паралелно со реформата, Владата предлага и значително зголемување на минималните плати – на 1.000 евра за најниските квалификации, 1.250 евра за работни места со средно образование и 1.400 евра за високо образование.
Идејата е пониското оптоварување на трудот и повисоките плати да придонесат за поголема формална вработеност и потрошувачка, а со тоа и за повисоки приходи од другите даноци.
Црна Гора, сепак, веќе во голема мера ги финансира пензиите преку државниот буџет.
Во 2025 година од пензиски придонеси биле собрани околу 353 милиони евра, додека за исплата на пензиите биле потребни околу 796 милиони евра. Тоа значи дека придонесите покриле само 44,3 проценти од вкупните пензиски расходи. Разликата од приближно 443 милиони евра била обезбедена од други јавни приходи.
Во првата половина од 2026 година биле собрани околу 183 милиони евра од придонеси, додека за пензии биле потребни околу 411 милиони евра.
Оттука, реформата не значи дека Црна Гора од нула преминува на буџетско финансирање на пензиите, туку претставува продолжување на процесот во кој државниот буџет веќе покрива значителен дел од пензиските трошоци.
Што би добила економијата?
Една од главните цели е намалување на даночното оптоварување на трудот. За иста бруто-плата, работникот би добивал повисока нето-плата, додека работодавачот повеќе не би плаќал пензиски придонес.
Тоа, според економската логика на реформата, би можело да го намали мотивот дел од платите да се исплаќаат нерегистрирано, да ја зголеми формалната вработеност и да ја подобри конкурентноста на економијата.
Претходните реформи во Црна Гора донесоа значителен раст на платите и регистрираната вработеност. Сепак, Меѓународниот монетарен фонд предупредува и на ризици поврзани со силната домашна потрошувачка, меѓу кои поголем увоз, надворешен дефицит и инфлаторни притисоци.
Најголемиот предизвик е буџетот
Фактот дека пензискиот придонес исчезнува не значи дека исчезнува и трошокот за пензиите. Државата и понатаму ќе мора редовно да обезбедува средства за нивна исплата.
Тие средства ќе се натпреваруваат со расходите за здравство, образование, социјална заштита, инфраструктура и отплата на јавниот долг.
Доколку економијата продолжи да расте, вработеноста се зголеми и даночните приходи растат, системот би можел да функционира. Но, во услови на рецесија или значителен пад на туризмот, државата би можела истовремено да се соочи со намалени даночни приходи и непроменета обврска за исплата на пензиите.
Колкав би можел да биде ризикот покажува и анализа на ММФ од 2024 година. Во неа бил разгледанo стрес-сценарио со целосно укинување на пензиските придонеси и тогашното планирано зголемување на минималната нето-плата.
Според таа симулација, буџетскиот дефицит би достигнал 10,7 проценти од БДП во 2025 година, а до 2029 година би се зголемил на 13,3 проценти.
Јавниот долг, кој во 2023 година изнесувал 61,5 проценти од БДП, во сценариото на ММФ би достигнал 102,5 проценти во 2029 година.
Важно е овие бројки да не се толкуваат како актуелна прогноза за Црна Гора. Станува збор за стрес-сценарио направено во 2024 година, врз основа на тогашните претпоставки и без денешниот пакет компензациски даночни мерки.
ММФ тогаш проценил дека делумното или целосното укинување на пензиските придонеси може да доведе до загуба на приходи до 7,5 проценти од БДП. Фондот исто така пресметал дека дури и зголемување на ДДВ за шест процентни поени би донело дополнителни приходи од околу 4 проценти од БДП.
Нов Зеланд има сличен модел, Австралија поинаков
Целосното финансирање на основната државна пензија преку даночни приходи не е непознат модел во светот.
Нов Зеланд е еден од најјасните примери. Таму нема класичен јавен пензиски систем кој се финансира преку придонеси од платите. Државната пензија New Zealand Superannuation се финансира од општите даночни приходи, а правото главно зависи од возраста и исполнувањето на условите за престој, а не од висината на уплатените придонеси во текот на работниот век.
Австралија има поинаков систем. И таму државната Age Pension се финансира од општите даночни приходи, но правото зависи и од приходите и имотот на лицето. Паралелно постои и задолжително приватно пензиско штедење, познато како superannuation, преку кое работодавачите уплаќаат средства на индивидуални сметки на работниците.
Затоа Австралија не претставува модел во кој целиот пензиски приход го обезбедува државниот буџет.
Црна Гора влегува во непознато подрачје
Планот на Црна Гора е невообичаен за европските услови. Во повеќе европски земји буџетот веќе ја покрива разликата кога пензиските придонеси не се доволни за целосно финансирање на пензиите, но целосното укинување на придонесите претставува значително поинаква конструкција.
Со реформата, Црна Гора се обидува даночното оптоварување да го пренасочи од трудот кон потрошувачката, добивката и другите извори на буџетски приходи.
Доколку реформата резултира со повеќе формални работни места, повисоки плати, поголема економска активност и поширока даночна база, дел од приходите што ќе исчезнат со укинувањето на придонесите би можеле да се надоместат преку други даноци.
Доколку приходите не се зголемат доволно, разликата би морала да се покрива преку повисоки даноци, намалување на други јавни расходи или дополнително задолжување.
Токму затоа реформата на Црна Гора ќе биде важен тест за тоа дали јавните пензии можат долгорочно да се финансираат без директна врска со придонесите што се издвојуваат од платите.





