Необична средба доживеала жена на плажа во Неос Мармарас, едно од познатите летувалишта на Халкидики, откако во текот на ноќта на песокот забележала животно за кое во прв момент помислила дека е куче.
Случката се случила околу 2 часот по полноќ, во близина на спортскиот терен. Жената, која работи во летувалиштето, по завршувањето на работната смена решила да замине на плажа и да се искапе.
Додека се приближувала кон морето, го забележала животното како се движи по плажата. Бидејќи оддалеку ѝ изгледало како куче, таа продолжила да оди кон него. Но, кога се нашла на само неколку чекори од животното, сфатила дека станува збор за диво животно.
Според неговиот изглед, најверојатно се работи за златен шакал, но врз основа на видеоснимката не може со сигурност да се потврди за кој вид станува збор.
За среќа, средбата не прераснала во напад. Жената останала на безбедна дистанца, додека животното продолжило да се движи по плажата.
„Не можам да направам разлика меѓу волк и шакал“, изјавила таа по необичната средба.
На видеото објавено од „Халкидики њуз“ се гледа животното како во текот на ноќта се движи по песокот на плажата.






