ПРВ.мк
Македонија

ЦИГАРИ, ЛЕКОВИ И ПАРИ: Осум лица под истрага, цариник осомничен дека им откривал кога нема контроли!

ЦИГАРИ, ЛЕКОВИ И ПАРИ: Осум лица под истрага, цариник осомничен дека им откривал кога нема контроли!

Јавен обвинител од Специјализираното одделение при Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција донел наредба за спроведување истражна постапка против осум лица, по кривична пријава поднесена од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР.

Според досегашните наоди, станува збор за сомневања за организирано шверцување цигари, нелегална трговија со лекови, поткуп и перење пари, а во случајот е опфатен и царински службеник.

Акцијата била реализирана врз основа на докази добиени со анализа на податоци од мобилен телефон на првоосомничениот. Телефонот бил одземен во јануари годинава, кога по претходно добиени оперативни сознанија бил извршен претрес во неговиот дом.

При тој претрес биле пронајдени поголеми количини цигари, но и 30.000 канадски долари, 35.000 австралиски долари, 12.950 евра и 69.000 денари.

Во зависност од дејствијата за кои постои сомнение дека ги преземале, осомничените се опфатени за повеќе кривични дела, меѓу кои криумчарење, избегнување плаќање акциза, прикривање стоки предмет на криумчарење и царинска измама, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма.

Истрагата опфаќа и сомневања за производство и пуштање во промет штетни средства за лекување, давање и примање поткуп, како и перење пари и други приноси од казниво дело.

Според обвинителството, во периодот од 2024 до 2026 година првоосомничениот, избегнувајќи ги царинските контроли, преку царинската линија пренесувал непријавени цигари.

Во тоа, според сомневањата, му помагале повеќе лица, меѓу кои и царински службеник. Тој наводно го информирал за своите смени, лентата на која бил распореден, како и за периодите кога биле засилени царинските контроли. На тој начин, според истрагата, му било овозможено непречено пренесување на стоката.

Криумчарените цигари потоа биле пуштани во продажба без акцизни марки, а дел од осомничените, иако знаеле за нивното потекло, ги купувале и препродавале.

Истрага и за нелегална трговија со лекови

Дел од случајот се однесува и на сомневања за неовластен увоз, складирање и продажба на лекови и други производи.

Првоосомничениот и третоосомничениот се сомничат дека неовластено внесувале и складирале различни видови лекови, како и производи наменети за подобрување на сексуалната функција и потенцијата.

При претресите биле пронајдени поголеми количини препарати за третман на дијабетес, срцеви и кардиоваскуларни заболувања, невролошки и психијатриски состојби, ревматолошки и автоимуни заболувања, заболувања на дишните патишта и воспалителни заболувања на цревата.

Меѓу пронајдените препарати имало и антибиотици, кортикостероиди, хормонски препарати, инсулини, антикоагуланси и бензодиазепини.

Пронајден бил и производот „KAMAGRA oral jelly“, кој се издава со лекарски рецепт, како и други производи за подобрување на сексуалната функција и потенцијата во различни форми – таблети, гелови, пасти, мед и чоколади.

Од обвинителството наведуваат дека со ваквите дејствија бил оштетен државниот буџет по основ на избегнати царински давачки, акциза и ДДВ во значителен износ.

Дополнително, со пуштањето во промет на лекови и други средства за лекување без потребните одобренија, упатства и лекарски рецепт, според обвинителството, била создадена опасност по животот и здравјето на луѓето.

Цариник наводно примил поткуп за да пропушти возило

Истрагата опфаќа и сомневање за поткуп на Царинската испостава Богородица.

Според обвинителството, првоосомничениот му ветил парични средства на царинскиот службеник за да не изврши контрола на возило во кое биле пренесувани цигари.

Царинскиот службеник, според сомневањата, го прифатил ветувањето и го пропуштил возилото без контрола. Во предавањето на парите наводно посредувал шестоосомничениот, кој е турски државјанин.

Пари и злато пронајдени во сефови

На првоосомничениот му се става на товар и перење пари и други приноси од казниво дело. Постои сомнение дека тој ги прикривал паричните средства стекнати преку криминалните активности со цел да го сокрие нивното потекло.

При претресите извршени во рамки на вчерашната акција, во две метални сеф-каси скриени во спуштен плафон во неговиот дом биле пронајдени 86.200 евра и 16 плочки со златна боја.

Во неговото возило дополнително биле пронајдени 6.465 евра и 62.000 денари.

Заедно со парите пронајдени при претресот во јануари, кај првоосомничениот во двата претреса биле пронајдени значителни суми готовина во повеќе валути, како и златни плочки.

При претресите кај останатите осомничени биле пронајдени и одземени цигари и други производи за кои постои сомнение дека потекнуваат од криумчарење.

Сите предмети и парични средства релевантни за истрагата се одземени и ќе бидат предмет на дополнително вештачење и анализа.

За тројца од осомничените јавниот обвинител доставил предлог за определување мерка притвор до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје.

За други тројца се предложени мерки на претпазливост, додека двајца од осомничените во моментов се недостапни за органите на прогонот.