Основното јавно обвинителство Скопје отвори постапка против 30-годишен скопјанец, осомничен за кривично дело Предизвикување општа опасност согласно член 288 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.
Настанот се случил на 14 ноември на булеварот „Партизански одреди“ и околните улици во Скопје, кога осомничениот, со користење на општоопасно средство, предизвикал сериозна опасност за животот и телесната безбедност на италијански државјанин.
Оштетениот управувал автомобил „Алфа Ромео Тонале“ со италијански регистарски таблички, а во возилото се наоѓала и неговата девојка. Во моментот кога се обидел да се престрои во левата коловозна лента, осомничениот, управувајќи „Алфа Ромео 147“ со скопски таблички, ги претекнал со голема брзина. Потоа повеќепати нагло кочел и застанувал пред нивното возило, предизвикувајќи сообраќајна нестабилност и опасност.
Кога двете возила свртеле на улицата „Франклин Рузвелт“, агресивното однесување продолжило. Осомничениот со своето возило нагло менувал коловозни ленти, го следел автомобилот на оштетениот и повторно нагло сопирал пред него, создавајќи дополнителна опасност и хаос во сообраќајот.
На улицата „Народен фронт“ осомничениот се движел наназад со голема брзина и намерно го удрил автомобилот на оштетениот во предниот лев дел. Кога италијанскиот државјанин застанал за да ја повика полицијата, осомничениот се доближил со возилото, фрлил тврд предмет кон нив и извикал зборови што оштетените не можеле да ги разберат, по што ја напуштил локацијата.
Поради реалната опасност осомничениот да избега или повторно да го изврши делото, јавниот обвинител доставил предлог до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје за определување мерка притвор.
















