Европската комисија ги прогласи финскиот град Тампере и хрватскиот Дубровник за победници на натпреварот за „Европска престолнина и зелен пионер на паметниот туризам за 2026 година“.
Тампере и Дубровник беа избрани од страна на европско жири во конкуренција на 58 туристички дестинации од 22 земји. Кандидатите се оценуваат според четири критериуми: пристапност, одржливост, дигитализација и културно наследство.

Според образложението на наградата, Тампере ја доби титулата поради своите иновативни практики и високи оценки во сите четири категории. Градот ја спојува пристапната култура, заштитата на наследството и природата и е посветен на тоа да стане јаглеродно неутрален до 2030 година. Тампере ги охрабрува посетителите и локалното население да ги доживеат неговите прекрасни пејзажи без бариери, а градот ја отвори и својата прва инклузивна плажа на езерото Пихајарви, создавајќи четири патеки во природата без бариери, со водичи и информации за рутите. Услугата за превоз со шатл-автобус во националните паркови гарантира лесен пристап до природата.

Дубровник импресионираше со својот пионерски пристап кон одржливоста и потенцијалот да послужи како модел за други дестинации. Градот обезбедува одржлив раст на туризмот и го заштитува историскиот центар со иновативни мерки, како ограничување на бројот на дневни посетители на 4.500 и тесна соработка со локалната заедница преку проектот „Почитувајте го градот“.
Еврокомесарот за одржлив транспорт и туризам, Апостолос Ѕиѕикостас, изјави дека туризмот е еден од најдинамичните сектори во Европа и камен-темелник на европскиот културен и економски идентитет. Тој додаде дека инвестирањето во одржливост и дигитални иновации обезбедува Европа да остане водечка и одговорна туристичка дестинација. „Овогодишните победници ја отелотворуваат оваа амбиција, поставувајќи висок стандард за попаметен, поодржлив и поинклузивен туризам низ целата Унија“, рече Ѕиѕикостас.
За 2025 година, европска престолнина на паметниот туризам е италијанскиот град Торино, а европски зелен пионер е шпанскиот Бенидорм.
















