Научниците се во шок поради ново откритие на Арктикот – јадро од мраз старо околу 770.000 години, кое потенцијално е најстарото досега пронајдено во пермафрост. Оваа наоѓалиште може да понуди уникатен увид во климата и екосистемите од раниот плеистоцен – период кога Земјата поминувала низ наизменични глацијални и меѓуглацијални циклуси.
Истражувањето започнало уште во 2009 година, кога геоморфологот Даниел Фортие и неговиот тим ги проучувале лизгањата на почвата предизвикани од топење на пермафростот. Тогаш тие наишле на слоевити јадра мраз над фосилна шума. При радиојаглеродното датирање, научниците откриле дека органските материјали во мразот се постари од 60.000 години – што било првото големо изненадување.
„Навистина не го очекував тоа“, изјавил Фортие.
Дополнителни анализи покажале уште пофасцинантен факт: ориентацијата на минералните магнети содржани во мразот соодветствува со периодот кога магнетното поле на Земјата последен пат целосно го променило правецот, пред околу 770.000 години, што го потврдува возраста на примерокот. Овие резултати биле објавени во реномираното научно списание Geology.
Научниците истакнуваат дека глечерите и пермафростот се вистински „архиви од минатото“, бидејќи зачувуваат растителни остатоци, фосили, органска материја и дури древна ДНК. Според нив, ова откритие може да помогне да се разбере како климата реагирала на природни климатски промени во минатото – и што може да се очекува во иднина.
Податоците на НАСА покажуваат дека Земјата низ последните 800.000 години поминала низ осум природни циклуси на затоплување и ладење. Но научниците предупредуваат дека сегашното глобално затоплување, забрзано од човечката активност и фосилните горива, е многу побрзо и поекстремно од природните климатски процеси.
Резултатите веќе се чувствуваат: забрзано топење на глечерите и пермафростот, пораст на нивото на морињата, зголемена киселост во океаните и загрозување на клучни морски организми и животински видови. Овие процеси сериозно го нарушуваат природниот баланс и претставуваат закана за светските прехранбени системи.
И покрај загрижувачките податоци, научниците велат дека ова откритие нуди еден вид надеж.
„Системот е поотпорен отколку што мислиме“, нагласува Фортие, верувајќи дека пермафростот не исчезнува толку брзо како што се претпоставуваше.
Сепак, истражувањето заклучува со предупредување: забрзаното затоплување и ерозијата на пермафростот може сериозно да ги оштетат овие природни „архиви од мраз“, пред да бидат целосно проучени.
















