Скопје официјално ја задржува титулата Европска престолнина на културата за 2028 година, објави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски по средбите во Брисел. Заедно со министрите Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, тој оствари важна средба со еврокомесарот Глен Микалеф, каде ја презентираше подготвеноста на градот да навлезе во нова ера на европски стандарди и значајна преобразба.
Градоначалникот најави историски промени во Скопје преку отстранување на блокадата на проектот, воведување транспарентно работење и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура. Визијата предвидува модерно, отворено и европско Скопје кое ги вклучува сите општини, граѓаните, младите и уметничките заедници.
„Ја претставивме нашата јасна позиција за проектот ‘Скопје – Европска престолнина на културата 2028’ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. Денес можам со гордост да кажам дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Како нов градоначалник ја отворам најважната страница за нашиот град и започнуваме историска трансформација што ќе нè подготви да ја носиме оваа титула со достоинство“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој истакна дека проектот бил целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но со сериозна работа го деблокирале процесот и го насочиле кон транспарентно, професионално и законско функционирање. Новата визија вклучува развој на културната инфраструктура како Скопско Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, нов Европски центар за култура, зелени магистрали, паркови и современи јавни простори.
„Паралелно склучуваме итен Договор за локална соработка и интеграција – прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува 10 општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе. Скопје станува еден заеднички систем, една енергија и една визија. Влегуваме храбро. Работиме чесно. Работиме за сите. Скопје – нашата нова европска приказна, започнува сега“, додаде градоначалникот.
















