ПРВ.мк
Скопје

ХРАБАР ПОТЕГ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ: Двајца граѓани без размислување скокнаа во Вардар и спасија жена!

ХРАБАР ПОТЕГ ВО СРЦЕТО НА СКОПЈЕ: Двајца граѓани без размислување скокнаа во Вардар и спасија жена!

Вистинска херојска сцена се одвивала денеска во центарот на Скопје, каде што двајца случајни минувачи покажале огромна храброст и успеале да спасат жена која се нашла во водите на реката Вардар кај Камениот мост.

Според информациите, жената, на возраст од околу 50 години, била забележана во реката, по што двајца граѓани од скопската општина Чаир веднаш реагирале. Без двоумење и без да чекаат помош, тие скокнале во Вардар и успеале да ја извлечат жената на безбедно место.

Нивната брза и присебна реакција била клучна во моментите кога секоја секунда била важна. Благодарение на нивната храброст, ситуацијата завршила со успешно спасување.

Кратко по настанот, на местото пристигнале полициски екипи и медицинска помош. Интервентната полиција излегла со две екипи, пристигнала и екипа на единицата „Алфа“, како и екипа од Итната медицинска помош.

Жената потоа била преземена од медицинските лица и пренесена во Ургентниот центар при комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде што ѝ била укажана соодветна лекарска помош.

Благодарение на несебичниот гест и брзата реакција на двајцата граѓани, драматичниот настан кај Камениот мост добил среќен епилог. Нивниот потег е пример за човечност и подготвеност да се помогне во најтешките моменти.