Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информираше дека во изминатите денови се изречени казни за правни лица кои го загадувале воздухот во главниот град, нагласувајќи дека нема и нема да има толеранција за никого.
Во објава на Фејсбук, Ѓорѓиевски посочи дека поради сериозното загадување и пробивањето на дозволените гранични вредности, било неопходно итно и решително дејствување.
– Како градоначалник, но пред сè како човек кој заедно со своето семејство го дише истиот воздух како и сите граѓани, немав право да молчам. Во изминатите два дена беа спроведени координирани инспекциски надзори, а Инспекторатот за животна средина изрече казни за загадувачите – напиша Ѓорѓиевски.
Тој најави дека контролите ќе продолжат уште поинтензивно и порача дека секој што го загрозува здравјето на граѓаните ќе биде санкциониран.
– За здравјето нема компромис. Ниту за мене, ниту за вас, ниту за нашите деца – истакна градоначалникот.
Покрај репресивните мерки, Градот Скопје објави и препораки за заштита од загадениот воздух, кои веќе се применуваат и се јавно достапни за граѓаните.
Ѓорѓиевски ја поздрави и, како што наведе, континуираната заложба на Владата за подобрување на квалитетот на воздухот, наведувајќи мерки како Стратегијата за почист воздух 2024–2030, субвенциите за инвертер клими, прочистувачите во градинките, гасификацијата, пошумувањето и изградбата на когенеративни централи.
На крајот, тој апелираше до скопјани да ги почитуваат препораките и да пријавуваат потенцијални загадувачи на електронската адреса: [email protected], потенцирајќи дека ред мора да има и дека борбата за почист воздух е заедничка.
















