Општина Аеродром издаде решение сопственикот на лунапаркот Зимзоленд, фирмата „Мега луна 25“ од Битола, да ги отстрани сите реквизити на локацијата. Решението е донесено од општински инспектор, кој за овај мерка одреди рок од три дена. Општината предупредува дека доколку опремата не се дислоцира навремено, ќе следи присилно административно извршување на градбата.
Сепак, општината сè уште нема потврда дека решението е официјално доставено до сопственикот, што е критично бидејќи рокот од три дена тече од моментот на доставата. Во случај решението да не биде примено, сопственикот ќе биде известен преку јавна објава, по што ќе се смета дека роковите повторно почнуваат во негова корист. Тој потоа мора веднаш или најдоцна во рок од седум дена да го извести инспекторот дали мерката е извршена.
Меѓутоа, лунапаркот продолжува да работи, а полицијата сè уште истражува како функционира. Дури една недела откако обвинителството побара од МВР да му биде доставена документација за утврдување дали има елементи за кривично дело „Предизвикување општа опасност“, документацијата не е доставена. Од МВР велат дека преземаат мерки, додека обвинителството го чека исходот.
Зимзоленд работи скоро еден месец без одобрение од Град Скопје, а повеќе институции констатирале низа неправилности. Обвинителството отвори истрага поради сомнеж дека институциите не постапуваат согласно законот. Сопственикот, Панде Димов, негираше дека нема потребни документи и порача дека ќе продолжи со работа, додека првично најави дека лунапаркот ќе остане на локацијата до 4 јануари.
















