Македонија конечно се движи кон трајно и системско решавање на проблемот со угинатите животни и починатите домашни миленици. До средината на 2026 година треба да бидат утврдени локациите и инфраструктурата за изградба на кафилерија и гробишта за миленици, по што ќе започне и нивната реализација.
Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство, Оливер Миланов, изјави дека процесот е во активна фаза и дека станува збор за инфраструктура која со години недостига во земјава, а воедно е и обврска во рамки на европските интеграции.
Досега, сопствениците на починати миленици често биле принудени телата да ги оставаат на депонии со комунален отпад, што претставува сериозен здравствен и еколошки ризик. Новите гробишта и кафилеријата ќе се градат надвор од урбаните зони, на ненаселени локации.
Паралелно, се разгледува модел според кој општините би имале сопствени прифатилишта за бездомни кучиња, а таму каде што има услови – и гробишта за миленици. Ова прашање ќе биде разгледано на заеднички состанок на АХВ со Министерството за локална самоуправа и ЗЕЛС.
Идејата за кафилерија постои уште од 2019 година, но досега беше блокирана поради недостиг од локација и отпор од локалното население, најчесто поради погрешни перцепции за начинот на работа. Сега се разгледува јавно-приватно партнерство, како и можност за мобилна кафилерија според европски модел.
Проблемот со бездомните кучиња останува сериозен, со над 8.000 животни низ државата. Во таа насока, подготвен е нов закон за заштита на животните, усогласен со повеќе невладини организации, кој предвидува построги правила и казни за неодговорно сопствеништво.
















