Македонскиот фудбал денеска остана без една од своите најголеми легенди. Во Скопје, на 70-годишна возраст, почина Васил Рингов, еден од најпрепознатливите фудбалери во историјата на ФК Вардар и македонскиот фудбал воопшто.
Рингов беше симбол на фудбалска мајсторија, харизма и посветеност. Повеќе од една деценија го носеше дресот на најтрофејниот македонски клуб, оставајќи длабока трага со својата техника, визија и стил на игра, поради кои беше обожуван од навивачите и почитуван од ривалите.
Покрај Вардар, Рингов настапуваше и за големи и значајни клубови како Партизан, Тетекс, Динамо Загреб и германскиот Ајнтрахт Брауншвајг, што говори за неговиот квалитет и фудбалска големина.
Роден на 17 април 1955 година во Струмица, Васил Рингов ќе остане запаметен како еден од оние фудбалери што не се мерат само по трофеи, туку по влијанието што го имаат врз играта и генерациите што доаѓаат.
Македонскиот фудбал денес тагува, но споменот за Васил Рингов ќе живее вечно на трибините и на терените.
















