ПРВ.мк
Македонија

Трагедија по трагедија: Партнерката на обвинетиот за прегазувањето на чичко Југо посегнала по животот

Трагедија по трагедија: Партнерката на обвинетиот за прегазувањето на чичко Југо посегнала по животот
Kristal

Со завршни зборови на обвинителството и одбраната, денеска во Основниот кривичен суд Скопје заврши судењето против 25-годишниот Фатон Љури, обвинет дека на 1 јули годинава со мотоцикл „Кавасаки“, управуван без возачка дозвола, го прегазил 68-годишниот Југослав Николовски на пешачката патека на кејот на Вардар и потоа го напуштил местото на несреќата. Пресудата ќе биде соопштена на 29 декември.

Во текот на денешното рочиште, одбраната достави дополнителна медицинска документација поврзана со здравствената состојба на обвинетиот, која, според обвинителството, не е спорна и произлегува од настаните на претходното рочиште кога обвинетиот не се чувствувал добро.

Обвинителката Маја Џабирева Велков оцени дека станува збор за тешко кривично дело со висок степен на општествена опасност и побара судот да изрече соодветна затворска казна, нагласувајќи дека казнената политика треба да влијае на спречување на вакви трагични случаи во иднина и да придонесе кон зголемена безбедност во сообраќајот.

Таа посочи дека сообраќајните несреќи со смртни последици се сè почести, особено во Скопје, и дека судската одлука треба да го има предвид јавниот интерес и заштитата на човечкиот живот. Дополнително беше нагласена и тешката состојба на семејството на починатиот, кое, како што беше речено, и понатаму живее со последиците од трагедијата.

Одбраната, пак, побара судот да ги земе предвид олеснителните околности, наведувајќи дека обвинетиот признал вина и изразил жалење за стореното. Во таа насока беше посочено и на тешката психичка состојба на неговата партнерка, која по серијата трагични настани во семејството имала сериозни здравствени последици, што е потврдено и со соодветно вештачење.

Според обвинението, Љури управувал мотоцикл по пешачка патека со небезбедна брзина, без дозвола за управување и по несреќата не укажал помош, поради што се товари за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, како и за неукажување помош на повредено лице.

Судот пресудата ќе ја објави на 29 декември.

FixCredit
Escape