На денешната 138. редовна седница, Влада на Република Северна Македонија донесе одлука за прогласување кризна состојба во снабдувањето со електрична енергија на целата територија на државата, во времетраење од седум дена од денот на стапување на сила на одлуката.
Од Владата информираат дека мерката е донесена по предлог на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, а како причина се наведува неможноста за навремена набавка на мазут неопходен за процесот на производство на електрична енергија.
Во рамки на одлуката, задолжителните резерви на нафтени деривати ќе бидат отстапени без надомест, со цел стабилизирање на електроенергетскиот систем. АД ЕСМ е задолжено редовно да доставува извештаи за потрошувачката на мазут до Владата и до Министерството за финансии.
Надлежните институции ќе ја следат состојбата на дневна основа и, доколку биде потребно, ќе предложат дополнителни мерки за обезбедување стабилно снабдување со електрична енергија.
















